Connect with us

Општини

Заврши одбележувањето на неделата на имунизација во Куманово

Во Куманово заврши одбележувањето на Европска недела на имунизација, кое Здравствен дом Куманово го реализираше преку низа активности насочени кон подигање на јавната свест за значењето на вакцинацијата.

Во текот на неделата беа организирани вакцинации во урбани средини, теренски посети во училишта, како и информативни кампањи на градскиот плоштад. Родителите имаа можност директно да се информираат за вакцините, нивната заштитна улога и придобивките за колективното здравје.

– Целта ни е да ја подигнеме јавната свест за важноста од редовната имунизација како за дечињата така и за возрасните, хронични болни. Разговараме со родителите, кои вакцини им следуваат согласно календарот на нивните деца, разговараме за бенефитите од вакцинацијата. Ги повикувам сите родители за секоја недоумица да се обратат кај нас-изјави спец. д-р Валентина Богоевска Димитриевска раководител на превентивната служба од Здравствен дом Куманово.

Бенефитот од вакцинацијата е повеќекратен, исчезнати се одредени болести од кои во минатото страдало населението на светско ниво.

– Како град Куманово опфатот на вакцинација е низок, далеку од посакуваниот од 95 проценти. Најнизок е за МРП вакцината и се движи околу 40 додека за останатите околу 70 проценти. Антивакциналната кампања, придонесе да се вратат исчезнати болести, наша цел е да ги мотивираме родителите да се имунизираат децата-додава д-р Богоевска.

Европската недела на имунизација е воведена во 53 земји од европскиот регион на СЗО во 2007 година, со цел зголемување на свесноста за важноста секое дете да биде заштитено од заболувања што може да се превенираат со вакцинација. Благодарение на вакцинацијата спасени се милиони животи, а во изминатите 50 години таа директно придонела за намалување на смртноста кај доенчињата за 40 проценти на глобално ниво.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4