Општини
И годинава ќе се организира летна школа по Вероучение во Бигорскиот скит во Битуше
Во Бигорскиот скит, посветен на Светите браќа Кирил и Методиј, кој се наоѓа во близина на долнореканското село Битуше, општина Маврово и Ростуше, во подножјето на планината Крчин, и годинава ќе се одржи летна школа по Вероучение, како дел од мисијата на Бигорски манастир.
– Преку овие школи, децата имаат можност да се запознаат со убавината на православната вера, традициите, културата и уметноста, но и да се рекреираат среде живописната природа на планината Крчин, којашто придонесувајќи за нивното телесно здравје истовремено ќе го воспитува и нивниот дух. Ќе има пет смени во кои ќе бидат опфатени деца од различни возрасти, рече за МИА сестра Ефимија.

Поконкретно првата смена почнува на 14 јуни и ќе трае до 19 јуни во која ќе бидат деца од 10 до 12 годишна возраст. Втората смена е од 28 јуни до 3 јули, за деца од 13 до 15 години, третата смена од 13 до 18 јули, за деца од 10 до 12 години, четвртата е од 3 до 8 август за деца од 13 до 15 години и петтата и последна смена е од 10 до 15 август за деца од 10 до 12 години.
– За децата ќе се грижи стручен и посветен тим составен од дипломирани теолози, педагози, психолози, социјални работници, доктори, воспитувачи и професори од различни научни и културни дисциплини. Тие ќе се погрижат престојот на вашите најмили да биде безбеден, поучен и исполнет со многу љубов, нагласува сестра Ефимија, на чиј телефонски број 070 290 210 може да се јават родителите на заинтересираните деца.

Летните школи во овој познат скит се организираат со благослов на епископ Антаниски г. Партениј, а минатата година во секоја од смените присуствуваа во просек по 50 деца од сите градови на нашата држава.
Стекнатите позитивни искуства, радоста и добрите навики, посочува сестрата, децата ги споделуваат и со пример ги сведочат во своите домови, во училиштата, меѓу нивните пријатели.
април 30, 2026

