Општини
Перински: Нови предлог проекти и инвестиции за рамномерен развој на сите региони за 2026 година
Предлог-одлуките за доделување на средства за финансирање на проекти за развој на планските региони, селата, урбаните подрачја и подрачјата со специфични развојни потреби преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2026 година, беа утврдени денска на четириесет и втората седница на Советот за рамномерен регионален развој, со кој раководеше министерот за локална самоуправа, Златко Перински. Вкупно предложени за финансирање се 56 предлог проекти во вредност од 148.407.142 денари.
Министерството за локална самоуправа соопшти дека со овие предлог-проекти се создава основа за реализација на нови инвестиции и развојни иницијативи насочени кон намалување на регионалните диспаритети, подобрување на локалната инфраструктура и поттикнување на одржлив развој во сите делови на државата.
Во рамки на седницата бил разгледан и Годишниот извештај за 2024 година за спроведување на планските документи за регионален развој, подготвен врз основа на податоците евидентирани во системот Си-Ре-Ра, кој овозможува следење на реализацијата на програмите и проектите во областа на регионалниот развој.
Дополнително, членовите на Советот го разгледале Извештајот за тековно оценување на Стратегијата за регионален развој 2021–2031, заедно со предложените измени и дополнувања на Стратегијата.
-Со политики и одлуки насочени кон постигнување рамномерен развој, постепено ја менуваме досегашната динамика и поставуваме темели за полицентричен развој во државата и еднакви можности за сите плански региони -, истакнал министерот Перински.
Советот, се додава во соопштението, останува посветен на континуирано креирање политики насочени кон обезбедување еднакви услови за развој на сите плански региони, во согласност со стратешките определби на Владата за децентрализација и одржлив развој на локалната самоуправа.
април 30, 2026

