Свет
Маскирани агенти упаднаа во московската канцеларија на независниот весник „Новаја газета“
Независниот руски весник „Новаја газета“ денеска соопшти дека маскирани агенти на службите за безбедност вршат претрес во нивната канцеларија во Москва, во рамки на истрага чија природа не е прецизирана.
Во соопштение на „Телеграм“, весникот наведе дека не ја знае причината за операцијата и дека на адвокатите не им бил дозволен пристап до зградата. Соред провладини медиуми, кои се повикуваат на претставници на органите за спроведување на законот, претресот е поврзан со истрага за незаконско користење лични податоци.
Русија ги заостри законите за цензура и го зголеми притисокот врз независните медиуми по почетокот на војната во Украина во 2022 година.
Истовремено, Врховниот суд денеска пресуди дека водечкото руско движење за човекови права „Меморијал“ е екстремистичка организација, што отвора пат за прогон на сите кои ја поддржуваат или споделуваат нејзини материјали.
„Новаја газета“ е еден од најпознатите истражувачки медиуми во Русија. Главниот уредник Дмитриј Муратов беше ко-добитник на Нобеловата награда за мир во 2021 година, која им ја посвети на шестмина убиени новинари на весникот. Во 2023 година, Муратов беше прогласен за „странски агент“.
април 10, 2026

