Фудбал
Статуа на Аспас пред стадионот на Селта
Легендарниот фудбалер на Селта, 38-годишниот Јаго Аспас, ќе добие статуа пред стадионот на шпанскиот прволигаш, вети градоначалникот на Виго, Абел Кабалеро.
„Потребниот буџет е обезбеден, а нашиот следен чекор е да се распише тендерот. Ова е најмалку што Јаго Аспас заслужува“, рече градоначалникот Кабалеро, додавајќи дека намерата е статуата да биде поставена помеѓу двете трибини, „Маркадор“ и „Трибуна“.
Аспас ја почна својата професионална кариера во Селта во 2006 година и отсуствуваше од клубот само помеѓу 2013 и 2015 година, кога беше член на Ливерпул и Севиља. Се врати во Виго во 2015 година и сè уште го носи светло синиот дрес на Селта.
Аспас е најдобриот стрелец во историјата на Селта за која одигра повеќе од 500 официјални натпревари и постигна 221 гол.
Шпанскиот дрес го носеше од 2016 до 2023 година, одигрувајќи дваесет натпревари на кои постигна шест голови.


