Фудбал
Спалети го повика Бернардо Силва во Јувентус
Тренерот на Јувентус, Лучано Спалети, лично го контактирал фудбалерот на Манчестер сити, Бернардо Силва, и му понудил трансфер во гигантот од Торино, објави весникот „Ла Газета дело Спорт“.
На крајот од тековната сезона, договорот на 31-годишниот португалски репрезентативец со клубот од Манчестер истекува, и нема да биде продолжен.
Покрај личната покана од Спалети, весникот наведува дека ова не е прв контакт меѓу Јувентус и Португалецот.
Раководството на Јувентус веќе имало разговори со менаџерскиот тим на Силва и, наводно, му е понуден тригодишен договор.
Силва ја почна кариерата во Бенфика, а потоа пристигна во Манчестер Сити од Монако во 2017 година. За англискиот клуб досега одигра 299 натпревари во Премиер лигата, постигнувајќи 45 голови.
Португалецот освои 19 трофеи со Сити, вклучувајќи шест титули во Премиер лигата и една во Лигата на шампиони, еден Суперкуп на УЕФА и едно Светско клупско првенство на ФИФА.


