Општини
Студенти и експерти заедно во Преспа вршат архитектонско документирање на културното наследство
Во рамки на проектот ACT4PRESPA, се реализираше неколкудневно архитектонско снимање и документирање на значајни објекти во Преспанскиот Регион.
Активноста е спроведена во соработка помеѓу НУ Завод и музеј – Битола и Архитектонски факултет – Скопје, Институтот за заштита на градителско наследство, историја на архитектура и уметност.
-Студентите извршија архитектонско снимање на три сакрални и еден профан објект, со што на студентите им се овозможи практична работа на терен и воедно беа непосредно запознаети со карактеристиките и вредноста на дел од недвижното културно наследство на ова подрачје, изјави Зоран Алтипармаков – Конзерватор советник во НУ Завод и музеј –Битола.
Студентите и стручните лица работеа на детално архитектонско документирање на повеќе објекти, односно црквата Св. Ѓорѓи во Ресен, манастирот Рождество на Пресвета Богородица во село Сливница, црквата Св. Петар и Павле во село Љубојно и индивидуален објект, претставник на традиционалната архитектура во селото Љубојно.
Изборот на објектите беше направен во заедничка координација помеѓу експертите од двете институции, врз основа на нивната културно-историска вредност и состојба на зачуваност. Во активноста учествуваа вкупно 65 лица на првиот ден, а во наредните денови по 31 учесник, вклучувајќи студенти, професори и стручни лица од двете институции.
април 30, 2026

