Connect with us

Општини

ИПА Охрид организира јубилеен Вело-викенд, главната тура Охрид–Струга–Радожда на 13 јуни

Во организација на Интернационална полициска асоцијација – секција Охрид, од 12 до 14 јуни годинава во Охрид ќе се одржува јубилејниот 10. Меѓународен ИПА Вело-викенд „На точак, Охрид и Струга да видам“, со централна рекреативна велосипедска тура Охрид–Струга–Радожда закажана за 13 јуни.

Стартот на турата ќе биде во 08:00 часот од Градското пристаниште во Охрид, по што учесниците ќе се движат по Кејот, низ градски улици, по стариот пат кон Струга и покрај Охридско Езеро се до туристичката населба Радожда.

Настанот што се одржува од 2016 година, има за цел да ја промовира идејата за велосипедско поврзување на Охрид и Струга, како и проширување на мрежата кон Радожда и Пештани преку современи, безбедни и функционални велосипедски патеки.

Од ИПА Охрид посочуваат дека ваквите иницијативи имаат значајна улога во развојот на туризмот и велосипедизмот во регионот, со потенцијал Охридско-струшкиот крај да се позиционира како атрактивна вело-дестинација на меѓународната мапа.

Организаторите упатуваат апел до надлежните институции за посериозен ангажман во изградба на безбедна велосипедска инфраструктура, нагласувајќи ја потребата од заштита на велосипедистите како ранлива категорија во сообраќајот.

Воедно, упатен е повик до членството на ИПА, вело-клубовите и граѓаните од земјава и странство да се приклучат на настанот и со масовно учество да дадат поддршка за развој на велосипедската мрежа во регионот. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 2