Connect with us

Економија

Пораст од 15 проценти на приходите на МАПАС во 2024 година, од еден во друг задолжителен пензиски фонд преминале 15 765 члена

Собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади денеска даде поддршка за Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) во 2024 година и финансиски извештаи за 2024 година.

Според извештајот, приходите на Агенцијата во 2024 година бележат пораст од околу 15 проценти во споредба со претходната година. Главните индикатори за порастот на приходите на Агенцијата се: зголемување на бројот на членови во вториот и третиот пензиски столб, од чии уплати се наплаќа 0,7 проценти како надомест за Агенцијата и зголемување на просечната бруто плата во државава. Врз основа на „Приходи од надоместоци” во 2024 година се остварени вкупно 116.470.157 денари.

Во 2024 година, согласно член 8 од Правилникот за членство во задолжителен пензиски фонд, Агенцијата испратила вкупно 4.271 писмени известувања до лица кои се времено распределени во задолжителен пензиски фонд.

Минатата година, од еден во друг задолжителен пензиски фонд, преминале вкупно 15.765 члена и тоа: во Триглав пензиско друштво АД Скопје – 9.468 члена, во КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд 3.671 члена, додека во Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд 2.626 членови.

На дневен ред на седницата беше и Предлог законот за измени на Законот за вработување на инвалидни лица, но, како што беше образложено, не се создадени услови за расправа.

Со законските измени се предвидува вклучување на лицата со аутистичен спектар на нарушување и лицата со други первазивни развојни растројства како лица со инвалидност со цел овозможување на овие лица да имаат право на вработување и работење, согласно Законот. Се врши усогласување со одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа со кои се овозможува измена на називот на Министерството за труд и социјална политика во Министерство за социјална политика, демографија и млади и на министерот за труд и социјална политика во министер за социјална политика, демографија и млади. Се врши и измена на наведувањето на министерот за информатичко општество и администрација со министерот за дигитална трансформација, како и на називот на Агенцијата за вработување.