Живот
Астронаутите од Артемис 2 ќе ја проучуваат Месечината со сопствени очи
По повеќе од педесет години откако луѓето првпат ја обиколија Месечината, астронаутите од мисијата Артемис 2 повторно ќе го направат тоа денеска, користејќи го најосновниот инструмент за набљудување – сопствените очи. И покрај технолошкиот напредок од времето на мисиите Аполо, НАСА се потпира на човечкиот вид за нови сознанија за површината на Месечината.
– Човечкото око е најдобрата камера што некогаш постоела или ќе постои. Бројот на рецептори ги надминува можностите на камерите, изјави Келси Јанг, главниот експерт на мисијата.
Според астронаутот Виктор Гловер, кој управува со леталото Орајон спејскрафт човечките очи се „волшебен инструмент“. Четворицата членови на екипажот поминале повеќе од две години обука за да се оспособат како „теренски научници“. Вежбале геолошки експедиции во Исланд и Канада, како и симулации на прелет околу Месечината. Тие морале напамет да ги научат така наречените „Големи 15“ – петнаесет карактеристични релјефни форми за полесна ориентација.
Задачата на астронаутите е да проучат одредени локации и појави во рамки на десет научни цели, набљудувајќи ги со голо око и со камерите на леталото. Геологот Ноа Петро оцени дека Месечината ќе им изгледа „како кошаркарска топка во испружена рака“. Значајното е, дали ќе забележат темнокафеави или жолтеникаво-кафеави нијанси, кои откриваат информации за составот и историјата на Месечината. Додека пак, научникот Дејвид Криг нагласи дека не се очекуваат епохални откритија, но слушањето на астронаутите како го опишуваат она што го гледаат е уникатен момент за две генерации на Земјата.
април 6, 2026

