Општини
Стојмировка: Весникот „Илинден“ претставува вистински столб на македонската заедница во Албанија
Вршителката на работите македонски амбасадор во Тирана, Радмила Стојмировска, во обраќањето на свеченоста по повод 15-годишнината од излегувањето на првиот број на македонскиот весник „Илинден“, порача дека весникот претставува вистински столб на македонската заедница во Албанија.
-Весникот повеќе од една декада и половина, претставува вистински столб на македонската заедница во Албанија и место каде секој член може да ги најде најновите вести, информации и случувања од нашата татковина, од Албанија и од секојдневниот живот на македонската заедница, рече таа.
Во тој контекст, упати искрени честитки по повод овогодишниот јубилеј, нагласувајќи ја и поздравувајќи ја клучната улога на претседателот на Македонското друштво „Илинден“, Никола Ѓурѓај, кој истовремено е и главен и одговорен уредник на весникот.
-Неговата несебична посветеност, секојдневен труд и визија го направија „Илинден“ глас кој ја обединува заедницата и ја негува македонската култура. Важно е да се нагласи дека издавањето на весникот е овозможено и благодарение на поддршката од македонското министерството за надворешни работи и надворешна трговија, кое дава финансиска помош во вид на средства за проекти за неговото редовно објавување. Честитки за 15 години успешна работа и уште многу идни успеси, посака Стојмировска.

Искрени честитки до македонското друштво „Илинден“ и до неговиот претседател Никола Ѓурѓај за нивната несебична посветеност, истрајност и љубов кон ова значајно дело, упати во своето обраќање и Васил Стерјовски, во своето обраќање претседателот на единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
-Македонците во Албанија се соочуваат со бројни предизвици, пред сè поради недостигот на институционална поддршка. Тоа е реалност со која живееме. Но, и покрај тоа, нашиот дух не е скршен. Напротив, токму преку вакви иницијативи покажуваме дека сме тука, дека постоиме и дека имаме што да кажеме. Му посакувам на весникот „Илинден“ уште многу години успешно постоење и заедно да прославиме уште многу значајни јубилеи, рече Стерјоски.
Претходно во своето обраќање на свеченоста, Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник, меѓу другото рече дека досега се испечатени 71 изданија и оти весникот предизвикал голем интерес кај „македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија како и меѓу македонската дијаспора во светот“.
април 3, 2026

