Connect with us

Свет

Брокерот на Хегсет се обидел да купи акции од одбранбени компании пред нападот врз Иран

Брокер на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет се обидел да инвестира голема сума во големи одбранбени компании во неделите пред американско-израелскиот напад врз Иран – објави вчера „Фајненшл тајмс“ (ФТ) повикувајќи се на три лица запознаени со ситуацијата.

Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, напиша на платформата X дека приказната е „целосно лажна и измислена“ и побара нејзино повлекување.

Во извештајот на ФТ се вели дека брокерот на Хегсет во „Морган Стенли“ го контактирал „Блек рок“ во февруари за инвестиција од повеќе милиони долари во „Дефенс индустриалс актив ЕТФ“ кратко пред САД да почнат воена кампања против Техеран.

Според извештајот на ФТ, инвестицијата за која бил заинтересиран брокерот на Хегсет на крајот пропаднала бидејќи фондот, кој беше лансиран во мај минатата година, сè уште не бил достапен за купување од страна на клиентите на „Морган Стенли“.

Во извештајот на ФТ не се наведува колку брокерот имал дискреционо право да инвестира во име на Хегсет или дали Хегсет знаел што прави брокерот.

„Ниту министерот Хегсет ниту некој од неговите претставници не контактирале со „Блек рок“ (BlackRock) за таква инвестиција“, рече Парнел.

„Блек рок“ одби да коментира за извештајот, а „Морган Стенли“ не одговори на барањето за коментар.

Извештајот за обидот за инвестиција доаѓа во услови на поширока контрола на тргувањето на финансиските и прогнозирачките пазари пред големите политички одлуки на американскиот претседател Доналд Трамп.

На некои од тие одлуки им претходеле добро темпирани облози, што ги навело некои експерти да се запрашаат дали информациите некако излегле однапред.

Маркетинг
Ad 3
Ad 3