Connect with us

Општини

Пуштена во употреба реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово

Премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска, градоначалникот на Тетово Биљал Касами и други државни функционери присуствуваа на пуштањето во употреба на реконструираните два објекта на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, познати во градот како „Стара медицина“. Двете гимназиски згради стари над 100 години се реконструираа од јули 2025 година со донација од 800 илјади евра од приватната фирма.

– Денес сме тука да ги промовираме овие два објекта, кои долго време се икона на градот Тетово, едни од најубавите, за жал долго време оставени во заборав и ги „јадеше забот на времето“. Затоа дозволете ми во име на сите ученици, сите граѓани на Тетово да му кажам голема благодарност на премиерот Мицкоски кој лично се ангажираше за да се обезбеди оваа донација и овие два објекта да се вратат во живот, да им се вратат на учениците, рече градоначалникот Биљал Касами.

Министерката Јаневска рече дека има огромни вложувања во образованието во Тетово кои ќе придонесат за подобар квалитет на образованието.

– Изразувам големо задоволство што денес лично можев да се уверам дека учениците и наставниците од средното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ добиваат најмодерни инфраструктурни услови за работа, што би значело и поголем успех во нивната работа. Им благодарам на општествено одговорните компании кои заедно со премиерот обезбедија донација за да се добие овој прекрасен објект, рече Јаневска.

Премиерот Мицкоски истакна дека посакува да се множат уште успешни проекти. На учениците и на наставниците коишто ќе учат и работат во тие простории им посака многу знаење, успех во работата и во учењето.

-Уште многу успешни тетовчани да произлезат од клупите на ова училиште. Јас само сакам да го изразам своето задоволство од ова што денес го гледаме, за само неколку месеци навистина силна посветена работа и тоа што тогаш можеби делуваше невозможно, денес е возможно, реално. Сакам да се заблагодарам на градоначалникот, на советниците од Општина Тетово коишто го поддржаа овој проект, да се заблагодарам на Министерството за образование, на сите оние коишто се добронамерници за Тетово и тетовчани и што изминатиов период се дел, би рекол, од многуте проекти коишто се реализираат во Општина Тетово, рече Мицкоски.

Во овие два објекта покрај реката Пена се одвива наставата за паралелките по македонски јазик. Во првата зграда сега има обновени седум училници, кабинет за информатика, два тоалети, наставничка канцеларија, библиотека и две канцеларии. Во втората зграда има шест училници, наставничка канцеларија, тоалет, училници за кабинети по природни науки и мала спортска сала.

Наставата по македонски јазик во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ не се одвива во централниот објект на улицата „Браќа Миладинови“ од 2001 година, кои беа напуштени поради небезбедност.

Гимназијалците од дваесетина генерации учеа во други објекти низ градот, а од учебната 2017/2018 постојано наставата се одвива во овие два објекта познати како „Стара медицина“. Зградите се изградени во периодот 1912-1913 година.

Маркетинг
Ad 3
Ad 4