Connect with us

Општини

Стартува Програмата БРОЕ – ќе се работи на заштита на природата и јакнење на отпорноста на екосистемите

Со пораки за заедничка одговорност, меѓународна соработка и долгорочна визија за зачувување на природата, официјално беше означен почетокот на Програмата за биолошка разновидност и отпорност на екосистемите (БРОЕ). Целта на програмата е насочена кон унапредување на заштитата на природата, зголемување на отпорноста на екосистемите кон климатските промени и поттикнување на одржлив развој на локалните заедници во Брегалничкиот регион.

Настанот го отвори амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во земјава, Кристоф Зомер, кој во своето обраќање ја нагласи важноста од зачувување на интегритетот и функционалноста на екосистемите како клучен предуслов за справување со климатските промени. Тој истакна дека заштитата на биодиверзитетот и обновувањето на екосистемите бара координирани активности на локално, регионално и глобално ниво, нагласувајќи дека Швајцарија останува силен и посветен партнер на Северна Македонија во оваа област.

– Биодиверзитетот и здравите екосистеми се од суштинско значење за сите нас и само со заедничка работа можеме да ги зачуваме за идните генерации – порача амбасадорот Зомер.

На настанот присуствуваа претставници на Владата, државни институции, граѓански организации и регионални партнери, што го позиционираше како платформа за дијалог и координација меѓу релевантните чинители.

Даме Димитровски, примарно лице за контакт со Зелениот климатски фонд и претседател на Советот на Град Скопје, оцени дека програмата е една од позначајните што Владата ги следи со посебен интерес, притоа потенцирајќи ја долгогодишната поддршка од Швајцарската влада.

– Владините институции ќе обезбедат овие проекти да бидат дел од процесите што државата ќе ги одржува и понатаму. Очекуваме видлив и одржлив проект со кој ќе се гордеат граѓаните – истакна Димитровски.

Тим-лидерката на Програмата, Марјана Шушлевска, информираше дека БРОЕ ќе се фокусира на одржливо управување со заштитените подрачја Осогово и Малешево, спроведување мерки за обновување на пределите, зајакнување на институционалните и локалните капацитети, како и подигање на јавната свест.

Програмата започнува со едногодишна подготвителна фаза, во рамки на која ќе се изработи програмски документ со активно учество на сите релевантни чинители, по што ќе следи имплементацијата на првата фаза.

Регионалната менаџерка на Helvetas, Анастасија Бекиш, ја истакна успешната долгогодишна соработка со Фармахем и потенцираше дека биодиверзитетот останува приоритетна тема во нивната работа, посочувајќи ја и важноста на алтернативните извори на финансирање, како што е филантропијата.

Настанот заврши со дискусија во која учесниците ја поздравија програмата и изразија надеж за успешна соработка и обезбедување долгорочна одржливост на заштитените подрачја Осогово и Малешево.

Програмата е поддржана од Владата на Швајцарија, а се спроведува преку конзорциум предводен од Фармахем, во партнерство со Helvetas, со Македонското еколошко друштво ангажирано како подизведувач. 

Маркетинг
Ad 4
Ad 4