Connect with us

Општини

Општина Охрид ќе постапи согласно препораките наведени во Извештајот на ДЗР

Општина Охрид ќе постапи согласно дадените препораки од Државниот завод за ревизија по Извештајот изготвен врз основа на ревизијата на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Охрид за 2024 година.

Претходно ДЗР објави информација дека ревизијата на работењето на Единицата на локалната самоуправа – Охрид утврдила изведени градби и градежни активности без одобренија за градење, како и други неправилности и неусогласености во работењето.

„Општина Охрид ги прими забелешките од Државниот завод за ревизија по спроведената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност за 2024 година. Веднаш се преземени активности за постапување согласно дадените препораки, преку утврдување на конкретни мерки и задолжувања на надлежните институции и одговорните лица“, се посочува во одговорот од Општина Охрид.

Притоа уште се наведува дека Општината Охрид останува посветена на унапредување на финансиското работење, транспарентноста во согласност со законските процедури и важечките прописи.

Во Извештајот на ДЗР меѓу другото се наведува дека Општина Охрид нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, нема преземено мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, особено во заштитените подрачја, поставувањето урбана опрема е без дозволи и платени комунални такси, а субвенционирањето на јавните претпријатија во вкупен износ од 36 505 илјади денари е без програма и претходно обезбедена согласност од Советот.

Според конечниот Извештај што го објави ДЗР, во дел од населените места се утврдени изведени градби и градежни активности на објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс за кои не е платен надоместок за уредување градежно земјиште и не се издадени одобренија за градење.

Во заклучоците на Извештајот се посочува дека се констатирани состојби, неправилности и неусогласености во работењето на Општината и поради нивното значење е изразено мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 1