Општини
Викенд со скии на Пониква
На Пониква месецов има доволно снег и пријатни услови за рекреативно скијање, но ски-лифтовите во моментов не се во функција поради тековна тендерска постапка за избор на оператор, која според најавите треба да заврши на 28 јануари.
За време на сезоната во овој регионален зимски центар, oсебно фреквентна е патеката во близината на одморалиштето на МВР.
Таму, ски-школите активно функционираат и секојдневно работат со деца, кои ги прават своите први чекори на скии под надзор на лиценцирани инструктори.
Како можност за унапредување на скијачката инфраструктурата на Пониква на Осоговските Планини, инструкторот Зоран Атанасовски изнесе идеја постоечките ски-лифтови да се поврзат и да функционираат како еден единствен систем.
Според него, ваквото решение би овозможило поефикасно користење на скијачките терени, подобар проток на скијачи и поатрактивна понуда за посетителите.
Пониква, според туристичките работници и познавачите на состојбите, има сериозен потенцијал да се развие во современ зимски туристички центар. Ова го овозможуваат природните услови, надморската височина, сместувачките капацитети и релативно честите врнежи на снег.
Сепак, посетителите, особено надвор од Кочани, сметаат дека само две патеки за скијање и два ски лифта се премалку за овој локалитет, којшто евидентно има поголем потенцијал.
јануари 26, 2026

