Живот
Истражување: Словенците и Словаците најсклони кон конспиративни мислења во Централна Европа
Истражување на Универзитетот во Салцбург и Универзитетот во Лозана открива директна врска меѓу склоноста кон верување во теории на заговор и политичката состојба во европските држави, јави австриската агенција АПА.
Според студијата, луѓето кои живеат во земји со повисока корупција или послаба демократска традиција се понаклонети да прифаќаат вакви објаснувања – во Австрија тоа се околу 20 проценти од населението.
Иницијаторот на проектот, професорот Рајнхард Хајниш, објасни дека довербата во институциите и политиката е клучен фактор, а таа во Австрија е поголема отколку во повеќето соседни држави.
Најмал удел на верување во теории на заговор има во северните земји, при што во Шведска само 7,2 отсто од граѓаните имаат вакви убедувања, а во Германија 13 проценти се склони да веруваат во конспирации. Од друга страна, во Словенија половина од населението е склоно кон такво размислување, а во Словачка 37 отсто веруваат во заговори, покажуваат податоците од Европското социјално истражување.
Хајниш нагласи дека не секое непопуларно мислење претставува теорија на заговор. За една теза да се смета за таква, мора да постои претпоставка за тајна група која со скриен план му штети на населението и извлекува корист за себе.
Истражувањето не открива значајни разлики според пол и возраст. Лицата со средно образование се најподложни на ваков начин на размислување, додека оние со пониско или повисоко образование – поретко. Најголеми разлики се забележани кај гласачите на популистички и радикални партии, кои почесто веруваат во теории на заговор.
октомври 28, 2025

