Свет
Канадскиот премиер ќе се сретне со Трамп

Канадскиот премиер Марк Карни денеска ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.
Карни е во посета на Белата куќа пред прегледот на договорот за слободна трговија, кој е клучен за канадската економија.
Претходните изјави на Трамп дека Канада треба да стане 51-ва американска држава и царините што ги воведе предизвикаа силни реакции кај Канаѓаните.
-Имавме свои подеми и падови, но ова е најниската точка во односот што можам да ја запомнам, рече поранешниот канадски амбасадор во САД, Френк Мекена.
Тој додаде дека на Канаѓаните „не им се кажува што да прават“, туку „едноставно гласаат со своите нозе“.
-Секој ден разговарам со обични граѓани кои ги менуваат своите планови за одмор и со сопственици на големи компании кои ја менуваат дестинацијата за извршни награди или службени патувања. Се случува отворен бунт, рече Мекена.
Во Канада постои страв за тоа што ќе се случи со Договорот меѓу САД, Мексико и Канада. Карни сака да добие олеснување на царините во некои сектори, но очекувањата се ниски.
-Подобрувањето на односите со Белата куќа пред Договорот за намалување на царините на САД е секако целта на посетата, но опозициските партии и дел од канадската јавност ќе го критикуваат премиерот Карни ако не постигне одреден напредок на фронтот со царините во оваа фаза, рече Даниел Беланд, професор по политички науки на Универзитетот Мекгил во Монтреал.
Американскиот претседател Трамп вчера изјави дека очекува Карни да сака да го искористи состанокот за да разговара за трговијата.
-Претпоставувам дека ќе праша за царините, бидејќи многу канадски компании се селат во Соединетите Американски Држави, рече Трамп.
Двете земји имаат тесна соработка во одбраната, граничната безбедност и спроведувањето на законот, како и сличности во културата и традицијата.
Канада е главна извозна дестинација за 36 американски држави. Околу 60 посто од увозот на сурова нафта во САД доаѓа од Канада, а 85 проценти од увозот на електрична енергија во САД доаѓа од Канада, додека повеќе од 77 отсто од канадскиот извоз оди во САД.
Канада е исто така најголемиот странски снабдувач на американски челик, алуминиум и ураниум и поседува 34 критични минерали и метали потребни на американската војска.
октомври 8, 2025