Свет
Европа ја продлабочува вселенската соработка со Јужна Кореја и Јапонија

Европската вселенска агенција (ЕСА) и Корејската агенција за истражување на Вселената (КАСА) потпишаа Меморандум за разбирање и зајакната соработка на 76. Меѓународен астронаутички конгрес (MАK) во Сиднеј, Австралија. Договорот ќе им овозможи на агенциите да ги користат меѓусебните копнени станици за телеметрија, следење и командни функции. Меморандумот, исто така, ги опфаќа идните области на соработка, вклучувајќи ја тука и вселенската наука, истражувањата, вселенските летови со луѓе, вселенската инфраструктура и друго.
– Ова е важен миг за Европа и Јужна Кореја, којшто отвара големи можности за нашите вселенски интереси и зајакнување на постојните системи преку соработка. Во ЕСА, возбудени сме што учиме од нашите колеги од КАСА и ги споделуваме нашите искуства за да ги постигнеме нашите заеднички цели, изјави генералниот директор на ЕСА, Јозеф Ашбахер.
Поддршката од европската и глобална мрежа копнени станици „Естрак“ би можела да ѝ помогне на Јужна Кореја во нејзините стремежи околу Месечината. ЕСА одигра слична улога и за време на развојот на кинеската месечева програма „Чанг’е“.
– Целите на КАСА вклучуваат унапредување на глобалната вселенска соработка. Ние денес направивме важен чекор и со нетрпение го очекуваме нашето заедничко патување во соработката во вселенските активности за мировни цели, рече Јангбин Јун – администратор на КАСА.
Месечевата програма на Јужна Кореја веќе го пушти вселенското летало Данури во вселенскиот сообраќај. Тоа е веќе во Месечевата Орбита и има слики од нашиот природен сателит. Но, земјата сега се свртува и кон роботизиран приземјувач, којшто ќе биде лансиран на ракета од домашно производство. Корејците, исто така, имаат намери за воспоставување своја месечева база до 2045 година, како дел од долгорочниот истражувачки план што КАСА го објави во август.
Ден претходно, Ашбахер ги прослави неодамнешните пресвртници во соработката со Јапонската агенција за вселенски истражувања (ЈАКСА) – со раководителот на агенцијата, Хироши Јамакава. Договорот е за заедничка мисија, при што вселенското летало „Рамзес“ на ЕСА и јапонската мисија „Дестинис+“ ќе бидат лансирани заедно со јапонска ракета „Ха-3“ за да го проучат астероидот Апофис пред неговото доближување до Земјата во 2029 година.
– Рамзес не е само научно возбудлива мисија и симбол на партнерството меѓу Јапонија и ЕСА, туку е и добар пример за брзиот развој и спроведувањето на еден проект, рече Ашбахер.
Основната мисија на „Дестинис+“ е да го проучи астероидот „3200 Фејтон“ – матичното вселенско тело на метеорскиот дожд Геминиди. Сепак, одложувањата на лансирањето му дадоа можност на вселенското летало прво да го посети Апофис. ЕСА сѐ уште треба да добие конечна позитивна одлука за финансирање на мисијата на клучниот министерски состанок на земјите-членки на ЕУ во ноември, но вселенското летало „Рамзес“ е веќе на добар пат кон својот развој. Ашбахер, исто така, ја истакна како добар пример неодамнешната соработка со ЈАXА на мисијата „Грижа за Земјата, којашто почна минатата година.
Европската вселенска агенција не е дел од Европската Унија, но двете институции имаат тесна соработка.
октомври 7, 2025