Connect with us

Технологија

Американска порота го прогласи „Хуавеј“ за виновен за заговор за кражба на деловни тајни

Кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеј“ вчера беше прогласен за виновен од американска порота за заговор за кражба на деловни тајни и банкарска измама.

Според судските документи, поротата исто така го осуди „Хуавеј“ за електронска измама и неколку други точки од обвинението за заговор, вклучувајќи банкарска измама, електронска измама, перење пари и измама на САД.

Сепак, „Хуавеј“ беше ослободен од обвиненијата за заговор за рекетирање и заговор за попречување на правдата.

Во соопштението, „Хуавеј“ наведе дека ослободителната пресуда за рекетирање „потврдува оти овие наводи немаат фактичка основа и го оправдува нашиот доследен став“ во текот на изминатите осум години.

„Веруваме дека преостанатите обвиненија на владата се подеднакво без правна или фактичка основа“, соопшти „Хуавеј“.

„Петте спорови поврзани со деловни тајни што ги наведе владата беа граѓански предмети кои беа решени во текот на изминатите две децении. Ниту еден суд никогаш не го прогласил ’Хуавеј‘ за одговорен за намерна злоупотреба на интелектуална сопственост, и на компанијата никогаш не ѝ било наложено да плати отштета за злоупотреба на деловни тајни“, се додава во соопштението.

Компанијата „темелно ќе ги разгледа релевантните пресуди и ќе ги преземе сите неопходни правни дејствија за одбрана на нашите права и интереси“, порачаа од „Хуавеј“.

Изрекувањето на казната е закажано за септември 2027 година.

САД првпат објавија обвиненија против „Хуавеј“ во 2019 година, по апсењето во 2018 година на Менг Ванџоу, ќерката на основачот Рен Џенгфеи. Менг беше уапсена по налог на Вашингтон, под обвинение за банкарска измама со прекршување на американските санкции против Иран.

По повеќегодишни преговори во кои беше вклучено американското судство, Менг можеше да се врати во Кина во 2021 година.

Американската влада воведе опширни санкции против „Хуавеј“ во 2019 година, обвинувајќи ја компанијата за блиски врски со кинеските власти и предупредувајќи на опасност од шпионажа или саботажа. „Хуавеј“ ги отфрла овие обвинувања.

Ad
Ad