Култура
Театарот од Куманово со претставата „Чичко Кумплунг“ гостува во Драмски
Со утрешното гостување на претставата „Чичко Кумплунг“ на Театарот од Куманово, се заокружува серијата гостувања на националните театри во Драмскиот театар Скопје, во чест на одбележувањето 80 години од неговото постоење.
-Под мотото „Еден е Драмски!“ годинава беа организирани гостувања на професионалните театри од националните установи во Македонија. Манифестацијата беше замислена како културна платформа на гостувања и средби што ја афирмираа продукцијата на македонските театри. Пред публиката во Драмски, во годината на големиот јубилеј, настапија ансамблите на националните театари од Битола, Охрид, Велес, Струмица, Турскиот театар од Скопје и Театарот за деца и младинци, соопшти Драмски театар.
Претставата „Чичко Кумплунг“ ја режираше Јани Бојаџи по текст на Сашко Насев. Чичко Кумплунг е култен лик од македонскиот филм „Самоуништување“ на Ербил Алтанај, од 1996 година, црна комедија и сатира за општеството во транзицискиот период во Македонија во 1990-тите години.
-Чичко Кумплунг е ексцентричен, темпераментен и саркастичен лик, кој преку хумор, пцости и „народска филозофија“ ги коментира политиката, секојдневието и апсурдите на времето. Токму поради автентичниот говор и комичните сцени, ликот со години e дел од поп-културата и често се цитира. Пред премиерата во мај годинава, режисерот Јани Бојаџи рече дека сме затворени во круг од кој 30 години не можеме да излеземе, посочува ДТС.
Во претставата играат: Мирослав Петковиќ, Кети Дончевска-Илиќ, Давид Илиќ, Александра Михајловска-Величковски, Владанка Крстевски, Владо Дојчиновски, Дубравка Киселички и Жарко Јовановиќ.
Драматург на претставата е Зоран Зафировски, сценограф Лазе Трипков, костимографка е Ирена Боневска-Чаловска. Музиката во претставата е на Јани Бојаџи и музичкиот соработник Слаѓан Станишковски.
ноември 17, 2026


