Култура
Филмот „Сладоста на горчливите нешта“ ќе има светска премиера на фестивалот во Талин
Македонскиот долгометражен игран филм „Сладоста на горчливите нешта“ на режисерот Андреј Волкашин ќе ја има својата светска премиера на престижниот Tallinn Black Nights Film Festival (PÖFF), каде е селектиран во официјалната натпреварувачка програма „First Feature Competition“.
По вечерашната проекција е предвидена средба со публиката на која ќе присуствуваат режисерот Андреј Волкашин, продуцентката Елена Станишева и дел од актерската екипа, меѓу кои Зорица Нушева, Лео Поповиќ и Јана Никодиновска.
Покрај светската премиера, филмот ќе има уште две фестивалски проекции на 18 ноември, во Тарту и во Талин.
„Сладоста на горчливите нешта“ е македонско-бугарско-хрватска копродукција во продукција на „Веда Филм“, поддржана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Бугарскиот национален филмски фонд, Хрватскиот аудиовизуелен центар и фондот „Еуримаж“. Развојот на проектот бил поддржан и награден во рамки на TorinoFilmLab во Италија.
Сценариото и режијата ги потпишува Андреј Волкашин, директор на фотографија е Кирил Проданов, монтажер Невелин Вулчев, а продуцентка е Елена Станишева.
Во филмот настапуваат Зорица Нушева, Лео Поповиќ, Јана Никодиновска, Ана Костова, Гораст Цветковски и Александра Петковска.
Филмот е сниман на повеќе локации во југоисточниот дел на државата, меѓу кои селото Петрово кај Гевгелија и Демир Капија, чиј амбиент и пејзажи имаат важна улога во неговиот визуелен идентитет.
Годинашното издание на фестивалот е јубилејно, по повод 30 години од неговото постоење. Tallinn Black Nights Film Festival е еден од 17-те фестивали во светот со А-категорија на Меѓународната федерација на филмски продуценти (FIAPF), во друштво на фестивалите во Кан, Берлин и Венеција.
ноември 17, 2026

