Connect with us

Култура

Гран-при за Тамара Котевска и „Приказната за Силјан“ на доделувањето на британските награди „Гриерсон“

Режисерката Тамара Котевска за филмот „Приказната за Силјан“ доби Гран-при за најдобар кинодокументарец на доделувањето на наградите „Гриерсон“ (Grierson British Documentary Awards) во Лондон, кои во светската кинематографија важат за британски Оскар за документарни филмови. 

Котевска, која е двојно номинирана за Оскар и за Еми, ова највисоко британско признание за документаристика го доби за  „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan), продукција на National Geographic Documentary Films и Dogwoof.

– Со оваа победа на свечената церемонија во Лондон, македонскиот филм триумфираше во најсилната кинокатегорија, уште еднаш потврдувајќи го светскиот квалитет на домашната авторска кинематографија и го зацементира документарниот филм „Приказната за Силјан“ како најуспешен документарен филм за 2026 година. Овој триумф во Лондон доаѓа по историскиот успех со „Медена земја“ и неодамнешното освојување на „Зелениот Оскар“ (Wildscreen Panda Award), со што Тамара Котевска и „Приказната за Силјан“ бележат незапирлива низа од победи на најголемите светски филмски сцени. Со ова признание, Котевска се впишува во друштво на најголемите светски документаристи и филмски великани кои претходно ја освоиле, меѓу кои се оскаровците Асиф Кападија, Алекс Гибни, Кевин Мекдоналд, култните автори Вернер Херцог, Луј Теру и сер Дејвид Атенборо, како и тимовите зад оскаровските триумфи „Без друга земја“ (No Other Land), „За Сама“ (For Sama) и „Сè што дише“ (All That Breathes), се наведува во соопштението. 

Наградите „Гриерсон“, основани во чест на таткото на документарниот филм Џон Гриерсон, се најстарите и најугледни награди за документарен филм во Велика Британија. Титулата „британски Оскар за документарци“ ја носат поради нивното огромно влијание во филмската индустрија и фактот што победниците редовно се вбројуваат меѓу главните фаворити за наградите БАФТА и американскиот Оскар.

– Вредноста на „Приказната за Силјан“ продолжува да се потврдува и по цела една година исполнета со награди, а ние очекуваме уште многу нови признанија и во наредниот период. Искрено, немам и што повеќе да кажам со зборови, освен дека овој филм го носи моето срце и целата моја страст кон седмата уметност, изјави режисерката Котевска. 

Ad
Ad