Култура
Јубилејната изложба „80 години ДЛУМ“ отворена во Кочани, претставени дела на петмина локални уметници
Во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани денеска беше отворена јубилејната изложба на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), насловена „80 години ДЛУМ – уметност што остава трага“.
На изложбата се претставени десетина дела од петмина кочански автори, членови на ДЛУМ: Лидија Тенев, Марија Мицова Гацова, Александра Димитрова, Станко Ѓоргиев и Љупка Делева.
Претседателот на Собранието на ДЛУМ, Никола Смилков, на отворањето истакна дека посебното значење на изложбата е во поврзувањето на националниот јубилеј со локалната културна средина.
-Уметничкиот живот не се создава единствено во големите културни центри, туку и во градовите каде што постојат творечки потенцијал, професионална посветеност и институции што создаваат услови за континуирано уметничко дејствување – рече Смилков.
Стручниот соработник во Центарот за култура „Бели мугри“, Александра Димитрова, нагласи дека изложбата овозможува да се согледаат местото и придонесот на кочанските автори во поширокиот контекст на македонската ликовна уметност.
Јубилејната поставка во Кочани ќе биде достапна за посетителите во наредните две недели.
ноември 13, 2026


