Connect with us

Култура

Општина Охрид ги распиша конкурсите за највисоките градски признанија и награди

Општина Охрид го објави годишниот конкурс за доделување на највисоките општински признанија – Повелбите и наградата „Патрон на градот Св. Климент Охридски“ за 2026 година.

Наградата „Патрон на градот“ се доделува за животно дело, односно за долгогодишни остварувања и врвни достигнувања во сите области од општествениот живот што се од особено значење за Општина Охрид и имаат голем придонес во нејзиниот развој, напредок и севкупна афирмација во Република Македонија и во светот.

Право на учество на конкурсот за највисокото општинско признание имаат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и поединци. Пријавата треба да содржи кратка биографија, образложение за остварувањата и придонесот за кои се конкурира, како и најмалку една препорака од релевантна институција или истакнат поединец од соодветната област. Наградата се доделува на еден добитник, само еднаш, и не може да се подели меѓу повеќе лица, информираат од Општина Охрид.

Повелбите, пак, се доделуваат за остварувања и достигнувања во сите области од општествениот живот што се од особено значење и имаат посебен придонес во развојот, напредокот и севкупната афирмација на Општина Охрид во Република Македонија и во светот, во период од една година.

Право на учество имаат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и поединци. Пријавата треба да содржи кратка биографија, образложение за остварувањата за кои се конкурира и најмалку една препорака од релевантна институција или истакнат поединец од областа. Повелбите може да им бидат доделени на најмногу пет добитници.

Конкурсот трае 15 дена од денот на објавувањето, а пријавите доставени по истекот на рокот нема да бидат разгледувани. Повеќе информации се достапни на веб-страницата на Општина Охрид – www.ohrid.gov.mk.

Признанијата на добитниците ќе им бидат врачени на свечената академија на 8 декември, по повод патрониот празник на градот Охрид.

Ad
Ad