Свет
Администрацијата на Трамп го забрзува распоредувањето на системи против дронови
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп презеде чекори за забрзување на употребата и распоредувањето системи против дронови како одговор на растечките закани.
Неколку владини агенции, вклучувајќи ги Одделите за транспорт, одбрана, енергетика и правда, потпишаа меморандум за евалуација на технологиите за борба против беспилотни летала и нивното брзо и безбедно распоредување за заштита на воздушниот сообраќај и решавање на прашањата поврзани со националната безбедност.
Висок претставник на Федералната администрација за воздухопловство (ФAA), Лиам Мекена, изјави дека агенцијата одобрила повеќе од 1.000 координативни активности со Пентагон и Одделот за внатрешна безбедност поврзани со распоредувањето системи против дронови.
ФAA минатиот месец објави дека воведува забрана за неовластени беспилотни летала по целата граница меѓу САД и Мексико.
Ова привремено ограничување на летовите забранува секаква неовластена активност на беспилотни летала до висина од 122 метри над земјата, во зона што се протега една наутичка милја северно од границата меѓу САД и Мексико.
Во април, ФАА и Пентагон потпишаа договор со кој владата може да користи моќни ласерски системи за борба против беспилотните летала по должината на јужната граница на САД со Мексико.
Пентагон изјави дека секој месец се регистрираат повеќе од 1.000 упади со беспилотни летала по должината на таа граница најчесто поради шверц на дрога.
ноември 10, 2026


