Connect with us

Свет

Курц: За десет години ќе живееме во сосема поинаков свет

Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц оцени дека светот за десет години ќе биде сосема поинаков во споредба со денес, наведувајќи ги како пример промените во Франција и Германија.

На панел-дискусијата „C3 Business Talk“, Курц рече дека протестите што ја потресуваат Франција со недели „се пример за тоа како погрешната миграциска политика води кон проблеми“, бидејќи многу млади луѓе се без перспектива, додека просперитетот што го уживаа нивните родители е се потешко да се одржи.

Курц, исто така, изрази загриженост за настаните во Германија, која, според него, е „во тешка политичка ситуација, во која маргиналните политички групи стануваат посилни, додека партиите на центарот остануваат релативно слаби“.

„За десет години ќе живееме во сосема поинаков свет“, рече 40-годишниот Курц.

Тој додаде дека државниот секретар на САД, Марко Рубио, ќе биде претседателски кандидат на владејачката Републиканска партија на изборите во 2028 година, а дека кандидат за потпретседател ќе биде Џеј Ди Венс, кој се уште ја држи таа позиција.

На прашањето за можно враќање во австриската политика, Курц рече дека „секогаш уживал во таа работа“, но дека „нема желба да се врати во политиката“.

Курц беше канцелар на Австрија од декември 2017 до мај 2019 година и од јануари 2020 до октомври 2021 година, кога поднесе оставка поради обвинувања за корупција и се повлече од политиката два месеца подоцна. Поранешниот лидер на конзервативната Австриска народна партија беше најмладиот канцелар во историјата на Австрија и најмладиот шеф на влада во светот додека беше на таа позиција.

Ad
Ad