Свет
Ешток: Словачка не плаќа и нема да плаќа казни поради одбивањето да прифати мигранти
Словачка не плаќа и нема да плаќа никаков надомест поради одбивањето да прифати мигранти кои се прераспределуваат од другите земји членки на Европската Унија – изјави денеска словачкиот министер за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток.
– Наместо да бара уплати поради неприфаќањето мигранти, ЕУ треба да ѝ обезбеди поддршка на Словачка во областа на безбедноста и заштитата на надворешните граници – изјави Ешток по објавувањето на годишниот извештај на Европската комисија за миграциите.
Според овој извештај, Словачка нема право на намалување на придонесот во рамките на таканаречениот фонд за солидарност на ЕУ за 2027 година.
Портпаролот на словачкото Министерство за внатрешни работи Матеј Нојман изјави дека министерството активно работи на прашањето за солидарноста во областа на миграциите и доследно ги штити интересите на земјата.
Тој потсети дека како непосреден сосед на Украина, Словачка ги сноси сите трошоци и одговорности поврзани со згрижувањето на бегалците, со оглед на тоа што на нејзина територија престојуваат десетици илјади луѓе, кои избегаа од војната.
– Ако Европската комисија смета дека обемот на оваа помош не е доволен за Словачка да биде ослободена од дополнителни придонеси во рамките на солидарноста, тогаш треба да го преиспита начинот на кој ја оценува солидарноста. Во вакви околности, Словачка очекува поддршка за зајакнување на својата безбедност, а не притисок за дополнителни директни уплати – нагласи Нојман.
Словачкиот премиер Роберт Фицо во јуни изјави дека неговата земја попрво би платила околу четири милиони евра за 2026 година отколку да прифати мигранти прераспределени од други земји.
ноември 7, 2026


