Connect with us

Економија

Мицкоски: Владата веќе ја постигна целта до крајот на мандатот да достигне БДП од 20 милијарди долари, сега пледира на 22 милијарди

Податоците на Државниот завод за статистика за конечните бројки за 2024 за растот на бруто-домашниот производ и ревидираните бројки за 2025 се во нагорна линија од 3,8 отсто, со што Владата ја постгна поставената цел до крајот на мандатот номиналниот бруто-домашен производ да биде 20 милијарди долари, сега плeдира на 22 милијарди долари – информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање по означувањето на почетокот на изградбата на новата фаза од вакуумската канализација во населеното место Јурумлери, истакна дека податоците на Државниот завод за ревизија се лоша вест за опозицијата.

– Ние со сите овие проекти што ги работиме и овие позитивни индикатори што се појавуваат имаме лоши вести за опозицијата. Тие би се радувале кога ние би можеле да тонеме во тоа политичко мочуриште во кое тие ја оставија земјата на безидејност, уништена, ограбена, понижена држава, економија и граѓани. Ние се обидуваме овие нешто повеќе од две години сè тоа да го консолидираме и, конечно, еве првите индикатори излегуваат на сцена – истакна Мицкоски.

Појасни дека растот на БДП за 2024 е нивелиран од 3 на 3,8 отсто, а во 2025 од 3,5 на 3,8 отсто.

– Но она што е поважно, нашата цел како Влада беше номиналниот бруто-домашен производ на крајот од мандатот од оваа Влада да биде 20 милијарди долари. Тој е веќе постигнат во 2025 година. Значи, оваа година растеме уште побргу. Сега имаме нова амбиција, плeдираме на 22 милијарди долари, но да видиме сега како ќе биде оваа година. Досега првата половина е над очекувањата. Како ќе биде понатаму, ќе видиме – рече Мицкоски.

Според премиерот, охрабрува податокот дека и индустриското производство во септември, што е последен месец од третиот квартал, пораснало за 2,4 отсто.

– И сега во третиот квартал имаме зголемено индустриско производство во услови кога имаме небаре невидлива, тивка трета светска војна, која се случува во светот поради ова со енергентите и во услови кога имаме намалена побарувачка поради пазарите и финансиски, но и оние што се поврзани со потрошувачката кај нашиот најголем трговски партнер, а тоа е Европската Унија – додаде Мицкоски.

Изрази задоволство од постигнатите резултати нагласувајќи дека секогаш може и подобро, но и оти тоа е најдобриот резултат во регионот и еден од најдобрите во Европа.

– Не можам да кажам дека сум незадоволен, задоволен сум. Секогаш може и подобро и одиме подобро, но ова е најдобриот резултат во регионот и еден од најдобрите во Европа, што претставува повторно лоша вест за нашата опозиција, која би била најсреќна и би се радувала доколку ние потонеме во политичкото мочуриште што тие се обидуваат да го наметнат – додаде Мицкоски.

Ad
Ad