Економија
Мицкоски: Ние сме единствената држава што води проактивни политики и навремени мерки, затоа сме со најниска инфлација и највисок раст на БДП
Премиерот Христијан Мицкоски вели Македонија е единствената држава што води проактивни политики и навремени мерки и затоа, како што нагласува имаме најниска инфлација и највисок раст на БДП.
-Кога споредуваме, ние мора да споредуваме една со друга Влада. Велат, да, точно е дека цената на горивата во Македонија е најниска во Европа, но, колку литри ќе купите со просечна плата во Германија, а колку литри во Македонија. Да, точно е, во Германија ќе купите повеќе, но вистинската дилема е дали пред кризата можевте повеќе литри во Германија да купите отколку во Македонија, во споредба со сега? Тоа е вистинското прашање. Дали вие кога имате криза се справувате со таа криза проактивно или реактивно? Ние сме единствената држава којашто се справува проактивно. Резултатите на тоа проактивно справување се најниска инфлација во регионот – истакна Мицкоски во гостување на една од националните телевизии.
Потсети дека во септември инфлацијата е 2,7 проценти, а дека во септември 2022 година, кога исто имало криза, војна во Украина, била 18,7 отсто.
– Сега просечната инфлација во ЕУ е 3,8 отсто, значи инфлацијата во Македонија е 30% помала од просекот во Европа, а тогаш била 72 посто повисока од просекот во Европа. Ама тогаш нè убедуваа дека инфлацијата била увезена, а сега ја извезуваме – рече Мицкоски прашан за економските параметри на Македонија во услови на криза.
Нагласи дека едно е закон за кризна состојба во енергетиката, а друго се проактивни политики и навремени мерки.
-Да, тој закон е донесен, но, тогаш цената на горивата во одредени периоди на годината била и 120 денари. Денес дали еднаш натфрли 100 денари. Сега е 99 денари дизелот, а безоловниот е 91 денар, затоа што не само со акцизите, ние го намаливме и ДДВ-то. Во првиот бран на оваа криза ние го намаливме ДДВ од 18 на 10 отсто и за безоловниот и за дизелот и сега во вториот бран од оваа криза го намаливме – појасни Мицкоски како коментар на тоа на што се должи ниската цена на горивата.
Тој дополни дека не се решени сите проблеми и не се живее во Македонија подобро од Германија, но, оти сега се живее подобро отколку пред три години.
-Еве уште една бројка да ви дадам. Џини-индексот, со кој се мери еднаквост и нееднаквост во распоредот на приходите меѓу населението. 0 е тотална еднаквост, 100 е тотална нееднаквост. Европскиот просек е 29,2, толку е и во Македонија. Сите соседи без исклучок се полоши од нас. Ако ги споредиме платите, реалната нето-плата е секогаш во позитива. Што е реалната нето-плата? Растот на платата минус трошоците за живот. Денес тие бројки се немилосрдни. Сега има 17 илјади нови работни места, почнавме со 691 илјада, денес има 708 илјади вработени. Се отвориле нови 17 илјади работни места. Тоа го зборува Заводот за статистика. Во периодот од 1 јануари 2018 до 31 декември 2023 јавниот долг пораснал за 3,7 милијарди долари, а во исто време БДП пораснал за 3,9 милијарди. Тоа е 5 отсто во рок од 5 години. Тоа значи дека инфлацијата го изела растот. Вие сте во минус. Од 1 јануари 2025 до 31 декември 2026 претпоставено, и да претпоставиме дека јавниот долг ќе помине 11 милијарди како што вика СДСМ, иако не верувам, тогаш тоа значи дека јавниот долг пораснал за 1,4 милијарди долари, а БДП за 4 милијарди. Тоа се 291 отсто. Ова се бројки и податоци – рече Мицкоски во интервјуто.
октомври 30, 2026

