Connect with us

Економија

Божиновска и Андоновски ги отворија „Енерготехнома 2026“ и „Реал експо 2026“: знаењето, технологијата и иновациите создаваат можности за развој

Одлуките што ги носиме во енергетиката денес, ќе влијаат врз тоа каква економија ќе имаме утре, колку ќе бидеме отпорни на глобалните кризи и какви можности ќе им оставиме на идните генерации, рече денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска која и официјално го отвори Саемот за енергетика, технологија и иновации „Енерго технома 2026“.

Енергетиката, напомена Божиновска, е многу повеќе од производство и снабдување со електрична енергија. Таа е прашање на економска конкурентност, енергетска безбедност, технолошки развој и квалитет на животот.

– Остануваме посветени на создавање стабилна и предвидлива регулаторна рамка, поттикнување инвестиции и развој на енергетски сектор кој ќе одговори на потребите на граѓаните, стопанството и процесот на европска интеграција. Нашата цел е транзицијата да биде правична и одржлива, да ја зајакнува конкурентноста на економијата и да создава нови можности за домашните компании и работниците. Успехот нема да го мериме само според бројот на реализирани проекти или инсталирани капацитети, туку и според тоа дали сме создале посигурен енергетски систем, поконкурентна индустрија, поефикасно користење на ресурсите и повеќе можности за младите и за идните генерации, потенцира министерката.

Според неа, иновациите имаат клучна улога. Тие не се само прашање на современа опрема или нови производствени процеси.

-Иновациите се начин да одговориме на предизвиците што ги имаме денес – како да произведуваме повеќе со помалку ресурси, како да ја намалиме потрошувачката на енергија, како да ги оптимизираме процесите и како да создадеме поодржлива индустрија. Дигиталните технологии, автоматизацијата, вештачката интелигенција и паметното управување со енергетските системи отвораат нови можности. Но, нивната вистинска вредност се гледа тогаш кога знаењето се претвора во конкретни решенија – во поефикасни компании, подобри услуги, нови инвестиции и поквалитетен живот за граѓаните, подвлече Божиновска.

Како што оцени, ниту една стратегија, закон или инвестиција не може да ги даде посакуваните резултати без луѓе кои имаат знаење, вештини и визија. Затоа, поврзувањето на образованието, науката, индустријата и институциите е од суштинско значење.

Осврнувајќи се на саемот, изрази уверување дека годинашното издание ќе донесе нови идеи, корисни контакти и партнерства што ќе продолжат да се развиваат и по завршувањето на саемот.

-Иднината на енергетиката не се создава само преку големи стратегии и инвестиции, туку и преку секоја добра идеја, секое ново знаење и секоја соработка што води кон решение, а саемот ги обединува знаењето, технологијата и иновативните идеи со потенцијал да создаваат нови можности за развој, нагласи Божиновска.

Покрај „Енерго Технома 2026“, во Т Арената во Скопје денеска беше отворен и саемот „Реал Експо 2026“.

На отворањето се обратија и  министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и директорката на Скопски саем, Даниела Глигоровска.

Андоновски порача дека дигитализацијата е новата енергија на управувањето, но и на производството. 

-Технологијата сама по себе не е цел. За една македонска фабрика, секоја инвестиција во технологија мора да има јасна сметка. Машината да работи со помалку застои. Дефектот да се открие навреме, пред да ја запре линијата. Потрошувачката на енергија да се следи прецизно. Производот да биде поквалитетен, а купувачот нов. Тоа е дигиталната трансформација што ни треба. Не презентации, туку резултати во погонот, рече Андоновски. 

Укажа и дека конкуренцијата околу нас се менува многу брзо. 

-Во 2025 година, 20 проценти од претпријатијата во Европската Унија со најмалку десет вработени користеле вештачка интелигенција. Во Србија, 10,1 процент. Во Грција и Бугарија, околу девет проценти. Тоа ни кажува две работи. Прво, дека разликите се големи дури и во нашето непосредно соседство. И второ, дека трката допрва почнува. За малите компании, клучот е пристапот до знаење и до финансии. Токму тука државата мора да помогне. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во 2026 година 97,9 проценти од деловните субјекти имаат пристап на интернет, нагласи министерот.

Оцени и дека поврзаноста ја имаме, само треба да ја претвориме во производство, во управување со залихите и во одлуки засновани на податоци. 

-Имаме и знаење. Според МАСИТ, македонскиот ИКТ-сектор во 2025 година оствари извоз од 676 милиони евра. Нашите инженери веќе градат решенија за компании ширум светот. Македонските технолошки компании можат и треба да бидат првите партнери на македонските производители. Тоа е една од најголемите неискористени шанси во нашата економија. Длабоко верувам дека државата постои за да им служи на своите граѓани и на своите компании. Не да им пречи, туку да им помага. Затоа, во националната стратегија СМАРТ/МК 2030 ги поврзавме инфраструктурата и дигиталните вештини со модерни јавни услуги и со поддршка за бизнисите, иновациите и вештачката интелигенција. И не застанавме на хартија. Стратегијата ја спроведуваме преку конкретни услуги и партнерства со стопанството и со универзитетите, рече Андоновски. 

Денес, потсети, на Националниот портал за електронски услуги се достапни околу 360 електронски услуги, од кои приближно 110 се наменети за правни лица. 

-За една компанија тоа значи помалку шалтери, помалку чекање и помалку простор за корупција. Значи време што наместо во администрација, се враќа во работата. Нашиот принцип е едноставен: податоците треба да се движат, а не граѓаните и компаниите, напомена министерот.

Под мотото „Вклучи одржливи навики“, двата саема ќе се одржуваат до 31 октомври. Ќе обединат компании, институции, експерти, инвеститори и млади иноватори, со програма посветена на новите технологии, енергетиката, одржливиот развој и недвижностите.

На изложбена површина од над 2.500 квадратни метри, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со решенија од областа на роботиката, автоматизацијата, обновливите извори на енергија, циркуларната економија и дигиталната трансформација.

Саемската програма, покрај изложбениот дел, опфаќа стручни презентации, панел-дискусии, промоции на производи и услуги, деловни средби и можности за вмрежување. 

На отворањето присуствуваа претставници на академската и научната заедница, бизнис-секторот, институциите, граѓани и гости. Модератор на почетокот беше роботот Нео.

Ad
Ad