Вести
Директорот на Финансиска полиција, Ивановски на средби со претставници на американските безбедносни институции на конференција во Орландо
Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, остварии средби со претставници на американските институции за меѓународна безбедносна соработка на завршниот дел од Годишната конференција на Меѓународната асоцијација на полициски шефови (IACP), што се одржа во Орландо, Флорида.
Како што информираат од Управата за финансиска полиција, Ивановски се сретнал со директорот на Меѓународната програма за помош во обука за кривични истраги (ICITAP), Грегори Дукот, помошник-директорот Стив Филдс, како и со високата претставничка на Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законот (INL) при Стејт департментот на САД, Лесли Зиман.
Средбите и учеството на конференцијата, според Управата, претставуваат можност за размена на искуства, споделување добри практики и унапредување на меѓународната соработка во откривањето и справувањето со финансискиот криминал и борбата против корупцијата.
Од Управата посочуваат дека дискусиите и сесиите со претставници на меѓународните безбедносни структури, како и размената на искуства со релевантни институции и експерти, се важни за зајакнување на партнерствата и заедничкото дејствување во остварувањето на стратешките цели на институцијата.
Во рамки на свечената церемонија, на годишниот банкет на IACP за 2026 година, за нов претседател на Меѓународната асоцијација на полициски шефови беше избран началникот Вил Џонсон, а беа избрани и нови членови на Извршниот одбор. Конференцијата заврши со свечена прослава посветена на признанијата и лидерството.
Управата за финансиска полиција ја истакнува поддршката од САД и ICITAP како особено значајна за процесите на дигитализација на оперативните истраги и спроведувањето координирани заеднички акции.
Ивановски, како што се наведува во соопштението, останува посветен на примената на стекнатите знаења и искуства за унапредување на ефикасноста и квалитетот во работењето на Управата.
октомври 28, 2026


