Култура
Тамара Котевска освои престижен „Зелен Оскар“ за „Приказната за Силјан“
Македонската режисерка Тамара Котевска ја освои наградата за најдобра режија и продукција „Producer/Director Panda Award“ на престижните Wildscreen Panda Awards 2026 во Велика Британија, познати како „Зелени Оскари“, за документарниот филм „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan), реализиран за National Geographic Documentary Films.
Со ова признание, Котевска станува првата добитничка на наградата од Македонија и регионот, придружувајќи им се на истакнати автори во светската документарна кинематографија.
Наградите „Панда“ се сметаат за едни од најзначајните меѓународни признанија за документарни филмови посветени на природата, животната средина и односот меѓу човекот и светот што го опкружува. Меѓу претходните добитници се Сер Дејвид Атенборо и Пипа Ерлих, режисерката на оскаровскиот документарен филм „My Octopus Teacher“.
„Приказната за Силјан“ ја продолжува авторската преокупација на Котевска со поврзаноста меѓу човекот и природата, тема што беше во фокусот и на нејзиниот претходен филм „Медена земја“. Документарецот за пчеларката Атиџе Хусеиновиќ и нејзиниот живот во хармонија со природата освои две номинации за Оскар, со што ја афирмираше македонската документаристика на светската филмска сцена.
Новото признание за Котевска доаѓа во период кога „Приказната за Силјан“ продолжува да добива меѓународно внимание. Филмот има номинации за наградите „Еми“, британските документарни награди „Гриерсон“ (The Grierson Awards) и Jackson Wild Media Awards, кои ги препознаваат остварувањата во филмската и медиумската продукција посветена на природата и науката.
Успехот на „Приказната за Силјан“ претставува продолжение на меѓународниот пробив на Тамара Котевска, која со своите документарни остварувања ги отвора прашањата за опстанокот, односот кон животната средина и местото на човекот во природата.
Наградата на Wildscreen Panda Awards е уште едно значајно меѓународно признание за македонската режисерка и за македонската документарна кинематографија.
октомври 28, 2026


