Вести
Воведувањето вињетки драстично ќе го поскапи патувањето, Николоски вели дека над 70% од возилата не излегуваат од општината во која се регистрирани
Воведувањето вињетки во Македонија драстично ќе го поскапи патувањето бидејќи над 70 проценти од возилата не излегуваат од општината во која се регистрирани – рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Според Николоски, автопати и експресни патишта користат не повеќе од 30 отсто од возилата во земјата.
– Ние правевме студија. Воведувањето на вињетките во Македонија драстично ќе го поскапи патувањето бидејќи над 70 проценти од возилата не излегуваат од општината во која се регистрирани. Тоа значи дека автопати и експресни патишта користат не повеќе од 30 отсто од возилата. Кога би се вовел ваков систем, обврската би била за сите и тогаш тоа би значело сериозно поскапување на регистрацијата на возилата имајќи предвид дека нашите два коридори, 8 и 10, се паневропски и главно се користат транзит. Оние големи суми за патарини кога ќе ги слушнете, од кои ги градиме автопатите и експресните патишта, во суштина во сериозен процент се од транзит-патници, односно од патници што не се од Македонија. На пример, Коридорот 10 има 10 милиони патници годишно или речиси 4,5 милиони возила, а Македонија има еден милион и 800 илјади жители, така што мислам дека сè е јасно – истакна Николоски пред претставниците на Македонско-германското стопанско здружение.
Одговорајќи на прашање на една од компаниите, дали се во план некаков тип стимулации или воведување годишни вињетки за компаниите чии вработени патуваат секој ден од Скопје и назад, вицепремиерот се согласи дека ова е добра идеја, која ќе биде разгледана со Јавното претпријатие за државни патишта.
– Се согласувам дека идејата е добра, особено за оние што имаат дневна мобилност. Можеме за ова да поразговараме со Јавното претпријатие за државни патишта – нагласи Николоски.
октомври 28, 2026


