Connect with us

Живот

Астрофизичарот Деграс-Тајсон: До Марс нема да одиме без геополитичка причина

Вештачката интелигенција веќе е длабоко навлезена во науката и претставува технологија без којашто дел од современите научни проекти денес не би можеле да функционираат, смета познатиот американски астрофизичар Нил Деграс-Тајсон.

Во новата емисија, тој вели дека ВИ веќе се користи во физичките науки за обработка и анализа на огромен број податоци. Како пример го посочува опсерваториумот „Вера Рубин“, чиишто телескопи генерираат толку многу податоци што нивното обработување, според него, не би било возможно без помош на ВИ. Оваа современа високотехнолошка алатка, според научникот, може да ги анализира податоците, да открива невообичаени појави и да процени дали телескопот треба повторно да набљудува одреден објект. Но, како што нагласува Деграс-Тајсон, токму развојот на ВИ ќе постави нов предизвик пред уметниците и другите креативци.

– Вистинската креативност не е имитирање на она што веќе се случило и правење мали промени… Вистинската креативност подразбира чекори што повеќето луѓе дури и не знаат дека можат да бидат направени, изјави тој.

Физичарот прави разлика меѓу ВИ што може совршено да имитира постоечки уметнички стил и создавањето нешто навистина ново. Ако од ВИ се побара слика, на пр., во стилот на Ван Гог – резултатот може да биде убедлив, но ако се побара нешто во стил што никогаш не постоел, тоа дело, вели, најверојатно нема да биде особено добар.

– Токму тука, смета тој, се наоѓа предизвикот за човечката креативност. Ако се појави суперинтелигенцијата, ќе станеме нејзини миленичиња, се пошегува тој.

Во разговорот се отвора и прашањето дали човештвото можеби се наоѓа во време кога луѓето и компјутерите постепено сѐ повеќе ќе се поврзуваат.

– (Суперинтелигенцијата) тогаш станува нашиот господар, а ние се претвораме во нејзини миленичиња… На тој начин, судбината на луѓето би зависела од тоа дали би ѝ биле корисни и релевантни на суперинтелигенцијата, додава Деграс-Тајсон. 

Колкави се шансите за патување до друга планета, за време на нашиот живот!? Нула!

Астраофизичарот е многу поскептичен кога станува збор за човековото патување до друга планета во блиска иднина. Прашан, каква е веројатноста соговорникот да стигне до друга планета во текот на својот живот, неговиот одговор е краток: „Нула“.

Во разговорот за емисијата „Дневникот на еден директор (The Diary оf а CEO)“, тој посочува дека во историјата, човештвото преземало големи и исклучително скапи проекти главно кога постои геополитичка, економска или воена причина за тоа. Како пример го посочува слетувањето на Месечината. Според толкувањето на Деграс-Тајсон, САД не инвестирале огромни средства во програмата „Аполо“ само затоа што патувањето до Месечината било следниот голем чекор, туку пред сè поради натпреварот со Советскиот Сојуз во Студената војна. Кога Американците стигнале до Месечината, а СССР не ги следел, мотивацијата за продолжување на програмата исчезнала, се навраќа Деграс-Тајсон. Програмата „Аполо“ била прекината и САД веќе со десетлетија не се враќаат на Месечината.

Од истиот аспект, тој го гледа и новото враќање кон Месечината преку програмата „Артемис“. Според него, еден од клучните фактори е повторното појавување на Кина како држава-соперник во вселенската трка. Но, Марс е сѐ уште далеку…

Нема ниту економска причина да одиме на Марс!?

За соседната нам „Црвена Планета“, астрофизичарот не гледа јасен економски интерес што би оправдал мисија со луѓе таму.

– Има ли нафта таму? Има ли рудници за дијаманти? Не одиме на Марс, вели Деграс-Тајсон.

Таа состојба, вели, би можела да се промени доколку, на пр., „Кина најави воспоставување воени бази“ на Марс. Тој проценува дека патувањето до Марс би чинело околу еден трилион долари, додека самото патување би траело околу девет месеци во еден правец. За враќање би било неопходно да се чека соодветно порамнување на планетите, што би можело целата мисија да ја продолжи на три до пет години.

Затоа, неговиот став не е дека денес човештвото технолошки не знае и не умее како да стигне до Марс. Напротив, тој нагласува дека станува збор за практично и економско, а не технолошко прашање.  Според неговото историско читање, големите човечки потфати најчесто не се реализираат само затоа што се можни или затоа што би биле занимливи, туку затоа што постои доволно силна причина и интерес некој да ги финансира.

За разлика од патувањето до Марс, Деграс-Тајсон смета дека вселенскиот туризам до орбитата, па дури и патувањето до Месечината, има поголем потенцијал. Пат до нашиот природен сателит би траело само неколку дена во еден правец, што според него, би можело да стане своеобразно „пат за паметење“ за луѓето кои би можеле да си го дозволат тоа. 

Ad
Ad