Connect with us

Свет

Втор ден протести во Мадрид поради станбената криза во земјата

Демонстранти втор ден по ред вчера протестираа во шпанскиот главен град Мадрид, барајќи посилна заштита на станарите, мерки против измамите и забрана за принудно иселување станари кога не постои можност за алтернативно сместување.

Протестите беа поттикнати откако во средата 87-годишната, Марија дел Кармен Абаскал, била истерана од станот во Мадрид кој живеела седум децении.

Некои од демонстрантите ноќта меѓу саботата и неделата ја поминаа во камп со шатори на плоштадот „Пуерта дел Сол“, по првиот протест во саботата на кој, според организаторите, се собраа десетици илјади луѓе.

„Ситуацијата со домувањето е неодржлива. Сите сме на улиците затоа што ни е доста“, изјави 27-годишната актерка Наталија Наваро, која беше меѓу демонстрантите кои ноќта ја поминаа на плоштадот.

„Бранот на огорченост и гнев што беше ослободен веќе не може да се запре“, изјави Алисија дел Рио, портпаролка на Синдикатот на станари во Мадрид што ги предводи протестите.

На 23 септември, 87-годишната Абаскал била иселена од станот на носилка и пренесена со амбулантно возило, додека нејзините поддржувачи го извикувале нејзиниот псевдоним „Марикармен“.

„Не успеав да го одбранам својот дом, но се борев за другите да можат да научат да се борат за она што е нивно“, изјави Абаскал во видео снимено од болничкиот кревет.

Таткото на Марија дел Кармен Абаскал првпат го изнајмил станот во 1956 година. Таа продолжила да биде станарка по смртта на нејзините родители, при што во тој период важел ограничен режим на кириите, објавија локалните медиуми.

Зградата го сменила сопственикот во 2018 година, а на Абаскал ѝ била понудена можност да го купи станот, но таа не можела да си го дозволи тоа.

Инвестицискиот фонд „Урбагестијон“ (Urbagestion) што подоцна го купил имотот, ѝ ја зголемил месечната кирија од 500 на 2.650 евра. Подоцна киријата била намалена на 1.650 евра, но Абаскал од пензијата сепак не можела да си дозволи да ја плаќа таа сума, наведе организацијата.

Се очекува шпанската Влада утре да објави нови мерки за справување со станбената криза. На собир на владејачката Социјалистичка партија во Мадрид, шпанскиот премиер Педро Санчез ѝ се обрати на Абаскал со порака.

„Имам порака за тебе, Марикармен: Владата работи дење и ноќе за да донесе кралска уредба за домувањето следниот вторник. И ги повикувам парламентарните групи да направат последен напор и да ја усвојат во националниот парламент“.

Растечките цени и недостигот од станови го прават пазарот на недвижности недостапен за многу Шпанци, и покрај тоа што се работи за четвртата по големина економија во Европа.