Connect with us

Свет

Американски сенатори бараат заштита на документацијата за извозот на чипови на „Енвидија“ во Кина

Сенаторите од редовите на демократите, Елизабет Ворен и Крис Кунс, побараа од администрацијата на претседателот Доналд Трамп да ја зачува целата документација за извозот на чипови на „Енвидија“ (NVIDIA)  во Кина, во време кога се спроведува истрага за врските на извршниот директор на компанијата, Џенсен Хуанг, со жена осомничена за кинеска шпионажа.

Весникот „Волстрит џурнал“ објавува дека во писмото испратено до министерот за трговија Хауард Лутник, државниот секретар Марко Рубио и шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер, сенаторите наведуваат дека случајот наметнува сериозна загриженост во врска со спроведувањето на американските контроли на извозот и заштитата на националната безбедност.

Случајот со директорот на „Енвидија“ доби дополнителна „тежина“ по тврдењата дека тој помогнал во испорака на чипови на „Енвидија“ во Кина во вредност од најмалку 7,5 милијарди долари, како и по наводите дека Рубио претходно го информирал Трамп за тоа.

Управниот одбор на технолошката компанија „Енвидија“ вчера одржал состанок на кој требало да одлучи за смената на извршниот директор Џенсен Хуанг, откако тој имал две вонбрачни врски, од кои едната со жена осомничена дека е кинеска шпионка, изјавил извор запознаен со случајот.

Состанокот на управниот одбор на водечкиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција претставува голем пресврт во однос на неделата, кога одборот изрази доверба во Хуанг и неговиот менаџерски тим.

Според правилата на компанијата, Хуанг може да биде разрешен со мнозинство гласови од членовите на управниот одбор, без оглед на тоа дали постои посебна причина за таква одлука. „Енвидија“ има 11 членови на управниот одбор, а сите освен Хуанг се сметаат за независни членови.

Акциите на „Енвидија“ паднаа за повеќе од осум проценти во продолженото тргување, откако „Волстрит џурнал“ прв објави дека компанијата се подготвува да го разреши Хуанг. Доколку падот се задржи, пазарната вредност на „Енвидија“ ќе се намали за околу 600 милијарди долари. 

Ad
Ad