Connect with us

Општини

Андоновски во Кочани промовираше нов Центар за услуги, осумаесетти во државата

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска ја промовираше новата Канцеларија за административни услуги во Кочани, 18 – та по ред во државата.

Канцеларија, односно Центарот за услуги, е сметен во  приземјето на Мултикултурниот центар, лоциран во центарот на Кочани.

Во Центарот граѓаните ќе можат да добијат над 350 услуги, кои претходно за да ги добијат морале да поминат низ повеќе институции или да аплицираат за нив сами од нивниот мобилен или лап топ, најави министерот Андоновски.

-Оние коишто немаат дома електронски уреди, не знаат да ги користат или не сакаат да ги користат, сега имаат можност на едно место, во Центарот за услуги во Кочани да ги добијат тие услуги, да добијат потврди за неосудуваност, сите три вида, уверенија за државјанство, изводи од матична книга на родени, венчани, починати, изводи од катастар, потврдите за стаж, за историјат на работни односи, бројни други услуги што ги нуди министерството и како ќе се зголемува бројот на услугите што ги овозможуваме и на други институции, така ќе се зголемува бројот на услугите што ќе можат да се добијат во центарот, информираше министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Освен овој аспект на добивање на услугата, овде, според Андоновски, граѓаните ќе можат да се зачленат на порталот, да добиваат и други информации. Лицата вработени во овој Центар за услуги им стојат на располагање на граѓаните за било каква информација, без тие да чекаат на шалтери .

Андоновски, промовирајќи го Центарот за услуги денеска во Кочани, упати благодарност до Општина Кочани, градоначалникот Владко Грозданов, до целиот Совет на Општината, за разбирањето, за визијата дека како министерство мора да им се приближат на граѓаните, независно дали услугите што ги бараат се дигитални или во хартиена форма, да бидат достапни на едно место, со лесен пристапот.

-Ова не е прв проект што го реализираме во Кочани, тука е и бесплатната ви-фи зона со интернет. Не застануваме тука. Размислуваме и за други услуги, за доближување на дигитализацијата до секој човек, затоа што тоа треба да биде крајната цел, бидејќи дигитализацијата  е само алатка која треба да му помогне на секој граѓанин побрзо и полесно да стигне до услугата што ја бара, нагласи министерот Андоновски.

Истовремено со означувањето на почетокот со работа на Центарот за услуги, од Кочани Андоновски за 28 октомври најави промоција на мобилната апликација М – услуги, што е следна фаза во размислувањето на министерството за дигитална трансформација.

-То значи дека секој граѓанин на својот мобилен телефон ќе ги има електронските верзии на личната карта и возачката дозвола и три нови услуги коишто ќе бидат достапни до граѓаните и тие се бесплатни. Во следната верзија на апликацијата ќе има и опција – модул за плаќање. Ќе има и нови услуги за кои размислуваме и сето тоа ќе биде бесплатно. Државата тоа не ја чини ништо – нула денари. Услуѓите што на тој начин ќе ги обезбедуваме за граѓаните не се задолжителни. Оние што ќе сакаат да користат традиционални документи, ќе можат и понатаму тоа да го прават, порача Андоновски.