Connect with us

Архива

Во Кочани повторно панаѓур во октомври, објавен огласот за организација на манифестацијата

Традиционалниот Кочански панаѓур во октомври им се враќа на граѓаните, откако денеска КЈП „Водовод“ – Кочани го објави огласот за јавно наддавање за организирање на манифестацијата.

Според објавата, панаѓурот е предвидено да се одржи од 22 до 25 октомври, на добро познатата локација во градот, кај детската градинка, на простор со вкупна површина од околу 3.000 квадратни метри.

Јавното наддавање ќе се одржи на 2 октомври со почеток во 11 часот, во просториите на КЈП „Водовод“ – Кочани, на улица „Д-р Николиќ“ бр. 64.

Почетната цена за организирање на традиционалниот панаѓур е утврдена на 1.610.000 денари без ДДВ, а минималниот чекор при наддавањето изнесува 10.000 денари.

Право на учество имаат правни субјекти регистрирани во Централниот регистар, кои ги исполнуваат условите наведени во огласот. За учество потребно е да се уплати 10 проценти од почетната цена, односно 161.000 денари, како гаранција за учество на лицитацијата.

Најповолниот понудувач, покрај постигнатата цена, ќе има и обврски поврзани со организацијата на панаѓурот – меѓу другото, подготовка и одржување на локацијата, обезбедување санитарни чворови, редовно собирање на отпадот, како и осветлување на просторот и патеките каде што ќе бидат поставени тезгите.

Огласот предвидува најповолниот понудувач со КЛП „Водовод“ – Кочани да склучи договор во кој детално ќе бидат утврдени правата и обврските на двете страни.

По едногодишната пауза, Кочанскиот панаѓур повторно треба да ги собере продавачите, посетителите и најмладите на традиционалната локација, со луна-парк, тезги, угостителска понуда и разновидна стокa.