Connect with us

Забава

Андора нуди плата од околу 3.000 евра за странски работници

Малата европска држава Андора која граничи со Франција и Шпанија, се соочува со сериозен недостиг од работници со што ја загрозува домашната економија на државата.

„Поради тоа, властите постепено ги отвораат вратите за странските работници, особено во здравството, образованието, туризмот и другите сектори каде што има недостиг од работници“, напиша францускиот портал „Linternaute“.

Андора има над 90.000 жители. Бруто домашниот производ по жител изнесува приближно 39.000 евра, што ја става земјата меѓу побогатите европски држави. Покрај економскиот раст, земјата привлекува внимание и со релативно ниското даночно оптоварување, високите примања и условите за работа.

Според податоците за мај 2026 година, просечната месечна плата во Андора изнесувала 2.760,46 евра, т.е зголемување од 7,7 отсто во споредба со минатата година, додека пак медијалната плата пораснала за 5,2 отсто, односно 2.235,73 евра.

„Растот е забележан во повеќе сектори, а најголемо зголемување е регистрирано во малопродажбата, каде што просечната плата пораснала за 14,5 отсто, односно 2.405,99 евра“, пренесе „Večernji list“.

Највисоки просечни примања имаат вработените во Секторот за финансии, со месечна плата од 4.972,10 евра, а во Секторот за производство и дистрибуција на електрична енергија, гас и вода, просечната месечна плата изнесува 3.607,83 евра. Во хотелиерството просечните примања достигнуваат 2.151,69 евра, додека во земјоделството просечната плата изнесува 2.000,11 евра. По ова властите одлучуваат да го зголемат бројот на 800 општи работни дозволи за годинава и уште 250 дополнителни дозволи за во сектори со најголем недостаток.

Најбарани професии се здравствените работници, просветните работници, лицата кои се грижат за стари и болни лица, работниците за помош во домаќинството, како и возачите на автобуси. Потреба има и во Секторот за туризам за кој биле одобрени 500 привремени работни дозволи во хотелиерството и угостителството. Откако квотата била пополнета, властите одобриле уште 250 дозволи.

За да го надмине проблемот, Андора започнува и пилот-програма за вработување работници од странство со која се предвидени 450 работни дозволи за периодот од декември 2026 до август 2027 година.

Освен повисоката плата, државата нуди и 30 дена годишен одмор, а работната недела трае 40 часа. Меѓу другото, вработените добиваат здравствено осигурување, осигурување во случај на невработеност, како и пензиско осигурување. За социјалното осигурување вработените издвојуваат 6,5 отсто од своите примања. Дополнителна предност за оние кои размислуваат да работат во Андора е и даночниот систем каде што на нето даночна основа под 24.000 евра годишно не се плаќа данок на доход, додека највисоката даночна стапка изнесува 10 отсто.

Иако географски се наоѓа во Европа, Андора не е членка на Европската унија што значи дека и членките на ЕУ мора да вадат соодветна работна дозвола доколку сакаат да работат во државата. За нив има олеснителни услови. Меѓу државите кој имаат дополнителни поволности се Франција, Шпанија и Португалија, благодарение на билатералните договори со Андора.