Свет
Данска воена разузнавачка служба: Руска инвазија врз членка на НАТО не е исклучена, но е малку веројатна
Руска инвазија врз некоја од членките на НАТО не е исклучена, но и понатаму е малку веројатна, оцени денеска данската воена разузнавачка служба (ФЕ).
– Постои низок ризик, кој сепак се зголемува, Русија да изведе ограничени воени напади врз некоја од членките на НАТО во своето соседство – изјави Томас Аренкиел, шеф на ФЕ, на прес-конференција.
– И понатаму сметаме дека е малку веројатно Русија да гледа интерес во инвазија врз некоја земја од НАТО, но тоа не можеме да го исклучиме – додаде тој.
Во својата нова проценка за руската закана, данската воена разузнавачка служба сепак ја смета инвазијата, како и интензивирањето на хибридните напади, за „очајнички чин“.
Тоа „потенцијално би можело да се случи во претстојните месеци“ за да се сврти вниманието на Европејците од нивниот ангажман во Украина.
Меѓутоа, на Москва би ѝ биле потребни „најмалку шест месеци“ за тоа да го подготви и да ги собере потребните сили.
Меѓу сценаријата што ги споменува ФЕ Русија би можела да изведе ограничени напади врз инфраструктурата што ѝ дава поддршка на Украина или да изведе операција „под лажно знаме“, користејќи, на пример, дронови од украинско производство.
За Аренкиел, иако „зголемената подготвеност на Русија за преземање ризик влијае врз безбедносната ситуација во Данска“, особено преку хибридните напади, тоа сепак не значи дека Русија ќе ја нападне Данска.
– Не очекуваме конвенционален руски воен напад врз Данска – нагласи тој.
септември 24, 2026
