Свет
Европската економија поради жештините во загуба од 113 милијарди евра
Топлинскиот бран ова лето го намали бруто-домашниот производ на Европа за 113 милијарди евра, според проценката на осигурителната компанија „Алијанц“ (Allianz).
Германија, со проценети загуби од 25 милијарди евра, е на второ место зад Италија, каде што штетата се проценува на 28 милијарди, соопшти компанијата со седиште во Минхен, пренесува ДПА.
На трето место е Франција, каде што БДП е понизок за 20 милијарди евра.
Во економските загуби се пресметани застоите во производството и помалата додадена вредност, предизвикани од слабата продуктивност, подолгите паузи и отсуствата од работа.
Кога сè ќе се пресмета, загубите во цела Европа би можеле да изнесуваат речиси половина процент од вкупниот годишен БДП.
Во првата пресметка на „Показателот на климатскиот ризик“ учествуваа стручњаци од меѓународното кредитно осигурување „Алијанц трејд“ (Allianz Trade) од Хамбург и германското осигурување на имот на „Алијанц“.
Основа на пресметката се временските податоци и податоците за штетите, како и моделирањето на очекуваните економски последици.
Покрај загубите предизвикани од жештините, се пресметуваат и штетите од невремиња, поплави и други природни непогоди. За Германија, „Алијанц“ во изминатите пет години ги процени на 50 милијарди евра.
Годишните штети, според тие податоци, во просек биле двојно поголеми отколку во споредбениот период од 2000 до 2019 година. Во светски рамки, пак, штетите од природни катастрофи, според „Алијанц“, пораснале за нешто повеќе од половина, односно за 54 проценти.
– Германија е особено силно погодена од климатски условените штети – изјави Франк Зомерфелд од „Алијанц“.
Една од главните причини е тоа што Европа се загреала повеќе од другите континенти. На врвот на листата на погодени земји е Норвешка.
Во Норвешка просечната температура во 2025 година била за нешто повеќе од 3,7 степени повисока од просекот од периодот 1950-1970. Германија и Франција биле во горниот среден дел од листата, со пораст од нешто повеќе од два степени.
На висината на штетата од катастрофите, сепак, не влијаат само природните сили.
Во густо населените земји со голема економска моќ, штетите се поголеми отколку во ретко населените подрачја, каде што има помалку фабрики, куќи, автомобили и други вредности создадени од човекот.
Ниту за следната година стручњаците од „Алијанц“, најголемото европско осигурување, не се особено оптимистични.
Причината е природниот феномен Ел Нињо. Загревањето на водата во источниот Пацифик, кое се повторува на секои неколку години, може да влијае врз времето на копното и во многу оддалечени региони.
Светската метеоролошка организација затоа очекува натпросечна топлина во големи делови од Јужна Америка, на југот од Африка и во Австралија.
На индискиот потконтинент и на југот од Средна Америка, според тие очекувања, ќе падне помалку дожд од вообичаено.
Ако 2027 година поради Ел Нињо повторно биде многу топла година, тоа може да го намали БДП во 144 анализирани земји за околу 392 милијарди евра.
Најмногу, како што се очекува, ќе претрпи Кина.
септември 24, 2026
