Политика
ВМРО-ДПМНЕ: Љупчо Николовски тужи, а не го почитува судот, јавноста очекува одговори а не бегање од рочишта
Љупчо Николовски поранешниот министер за земјоделие, шумарство и водостопанство поднесува тужби и бара судска заштита, но истовремено не се појавува на закажани рочишта. Ако веќе Николовски се повикува на судот, тогаш треба и да покаже почит кон судската постапка, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, кое МИА го објавува интегрално.
Судот не е место каде што се оди само кога на Николовски му одговара. Ако Љупчо верува во своите тврдења и во тужбата што ја поднел, тогаш треба да се појави на рочиште и таму да ги брани своите наводи и аргументи.
Николовски очигледно се држи до старите навики кога со Заев и Филипче беа заштитени од правосудните органи, кога судиите и обвинителите беа контролирани од СДС и се кажуваа пресуди во канцеларии на СЈО. Кога судиите и обвинителите беа бирани во Зајас и Струмица да ги штитат криминалите на СДС и ДУИ.
Николовски треба да знае дека фактите не се утврдуваат преку прес-конференции, политички флоскули или медиумски настапи, туку во соодветна постапка пред надлежните институции.
Во исто време, јавноста очекува одговори од Николовски на низа прашања, за имотот, кадровските одлуки, деловните интереси и се што е предмет на јавен интерес.
Николовски да каже дали има луксузен дуплекс стан во Дајмонд мол од 180м2?
Дали берберот кај кој одел Николовски неколку пати во месецот додека бил член на Влада, си го направил советник? Дали Николовски влијаел за фирмата на брат му, Лариком шпед да успее да го зголеми приходот за една година за 1100%?
Николовски да даде одговори за кусокот на жито и набавка на поскапо жито од една соседна држава, за кое за возврат Заеви добија за фирмата “Тргопродукт” 1,4 милиони евра грант од ИПАРД?
Дополнително, Николовски да одговори за индиции дали наодот за душевна болка е фингиран затоа што докторот Бајрактаров е член и донатор на СДС, а плус и има гласано за него на Влада да биде директор на Клиника за психијатрија?
Наместо Николовски да бега од соочување, потребно е да даде одговори.
Љупчо Николовски не може истовремено да бара судска заштита, а потоа да не се појавува пред судот. Ако бара институциите да ја завршат својата работа, тогаш и самиот мора да ги почитува правилата на постапката.
Кој поднесува тужба, треба да биде подготвен и да се појави пред судот. Кој се повикува на правдата, треба да ја почитува судската постапка.
септември 24, 2026
