Connect with us

Општини

Австралискиот амбасадор Џорџ Трасвел ја посети Општина Ресен

Градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски приреди прием за амбасадорот на Австралија Џорџ Трасвел кој тамошната локална самоуправа ја посети во рамки на манифестацијата „Преспански јаболкобер“.

На средбата со амбасадорот Трасвел разговаравме за развојот на Општина Ресен, нејзините природни и културни богатства, потенцијалите на Преспанскиот регион, како и за земјоделството, развојот на локалната економија и особено значењето на производството и одгледувањето на преспанското јаболко, истакна градоначалникот Тозиевски.

-Средбата имаше информативен карактер, со цел амбасадорот поблиску да се запознае со Преспа, нејзините традиции, природни убавини и економски потенцијали. Се надеваме, нагласи Тозиевски, дека оваа посета ќе биде почеток на идни можности за соработка и поврзување со преспанскиот регион.

Манифестацијата „Преспански јаболкобер“ продолжува утре со културно уметничка програма, а централниот настан е закажан за в недела кога според востановената традиција во Преспа ќе биде откинато првото јаболко, а Општина Ресен ќе додели награди на најдобрите овоштари за минатата година.