Connect with us

Општини

ДИК го утврди редоследот на гласачкото ливче за избор на градоначалник на општина Брвеница

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на јавна седница со жрепка го утврди редоследот на гласачкото ливче, односно редниот број под кој ќе настапат кандидатите на предвремените локални избори во општина Брвеница закажани на 18 октомври.

Кандидатот Стојанчо Радически на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која ја предводи коалицијата „Твоја Македонија“, ќе настапи под реден број 1, а кандидатот на опозицискиот СДСМ, Јовица Радески, ќе се најде на редниот број 2 на гласачкото ливче.

Во продолжение е целосната листа на шесте броја на гласачкото ливче:

Број 1: Коалицијата „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ – Стојанчо Радически;

Број 2: Коалицијата предводена од СДСМ за предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница 2026 година – Јовица Радески;

Број 3: Група избирачи Душан Богдановски – Душан Богдановски;

Број 4: Коалиција „Вреди“ – Јакуп Усеини;

Број 5: Група избирачи Арифе Идризи – Арифе Идризи;

Број 6: Национална алијанса за интеграција (НАИ) – Аркин Јахији.

– По извршената жрепка, ќе се изготви записникот за спроведување на жрепката и утврдување на редоследот на листите на кандидати за предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница. Во согласност со членот 69 став 4, Општинската изборна комисија утврдената единствена листа на кандидати ќе ја огласи најдоцна 23 дена пред одржувањето на изборите во сите населени места и избирачките места во општината – соопшти претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ.

Маричиќ информира дека до денеска е рокот за поднесување понуди за рекламирање на рекламни паноа и билборди за предвремените избори за избор на градоначалник на општина Брвеница. Државната изборна комисија констатира дека до одржувањето на седницата, денес, 23 септември 2026 година, до ДИК не е доставена ниедна понуда од општините, Град Скопје или правни лица што стопанисуваат со рекламни паноа и билборди за локации што се нудат за политичко рекламирање за предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница за 2026 година.

– Врз основа на член 78-а од Изборниот законик, дозволено е политичко рекламирање на рекламните паноа и билборди. Општините, Град Скопје и правните лица што стопанисуваат со рекламните паноа и билборди се должни во рок од 5 дена од денот на распишувањето на изборите јавно да ги објават локациите и цените за закуп на рекламните паноа и билборди на своите веб-страници и податоците да ги достават до Државната изборна комисија. Имајќи предвид дека не се доставени понуди, односно локации за рекламни паноа и билборди што би биле предмет на распределба, Државната изборна комисија нема да спроведува ждрепка за распределба на овие рекламни паноа и билборди за политичко рекламирање за предвремените избори во општина Брвеница. Ова ќе ѝ го соопштиме исто така на јавноста како известување по завршување на седницата – истакна Маричиќ.

Членовите на ДИК гласаа предлог за дополнување на решението за формирање работна група за спроведување на постапката на случаен избор за формирање на општинските изборни комисии за временски период 2026 – 2031 година од јуни оваа година.

– Со ова предлог-решение само дополнуваме уште двајца колеги од Државната изборна комисија, кои ќе треба да се вклучат во процесот на вршење на овие проверки и во најкраток можен рок ќе ги изведеме… тоа можам да го најавам дека ќе го изведеме случајниот избор за претставници, односно претседатели и членови на општинските изборни комисии. Предлогот за дополнување на решението е да се додадат двајца колеги: Хавуше Лесковица-Исмаили и Авни Абдулаи. Констатирам дека едногласно беше усвоен предлогот, односно решението за дополнување на решението за формирање работна група за спроведување на постапката на случаен избор за формирање на општинските изборни комисии за временски период 2026 – 2031 година – нагласи претседатеолот на ДИК, Маричиќ.

Изборите за градоначалник на Брвеница собранискиот претседател Африм Гаши ги распиша за 18 октомври, а ќе се одржат бидејќи на 23 јуни 2026 година на 58-годишна возраст почина градоначалникот на оваа општина, Ивица Илиевски.