Connect with us

Хроника

За четири месеци евидентирани над 10.400 прекршоци кај возачи на тротинети, мопеди и мотоцикли

Вкупно 10.411 сообраќајни прекршоци биле констатирани во засилените акциски контроли што Министерството за внатрешни работи ги спровело од мај до август годинава, а биле насочени кон возачите на електрични тротинети, велосипеди, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли.

Според податоците на МВР, најголем дел од прекршоците, односно 8.806, се регистрирани кај возачи на мопеди, мотоцикли и трицикли, додека 1.571 прекршок се однесува на електрични тротинети и 34 на велосипеди.

Најчесто констатиран прекршок било некористењето заштитен шлем, за што биле изречени 7.303 санкции. Евидентирани се и 718 прекршоци за управување по несоодветна површина, 401 за управување нерегистрирани возила или возила без полиса за осигурување и 322 за некористење рефлектирачки елек.

Во контролите биле откриени и 81 случај на управување од лица помлади од 18 години, 45 случаи на управување под дејство на алкохол, како и 1.541 прекршок од друг вид.

Покрај прекршоците, полицијата открила и 619 кривични дела, од кои 604 се однесуваат на управување возило без возачка дозвола, 14 на управување под дејство на алкохол и едно на управување во забранет правец.

Во рамките на преземените мерки биле одземени вкупно 423 возила, од кои 20 електрични тротинети и 403 мопеди, мотоцикли и трицикли.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период, со посебен акцент на прекршоците што директно ја загрозуваат безбедноста на учесниците во сообраќајот.

МВР апелира до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила, да користат заштитна опрема, да не управуваат возила под дејство на алкохол и да не учествуваат во сообраќајот без исполнување на законските услови.