Connect with us

Свет

Маѓар најави укинување на ограничувањата за посвојување деца од истополови двојки во Унгарија

Унгарската влада ќе го измени законот од 2020 година со кој на истополовите двојки практично им беше забрането да посвојуваат деца, изјави денеска премиерот Петер Маѓар.

Посвојувањето деца од страна на хомосексуални двојки во Унгарија беше можно до крајот на 2020 година доколку едниот партнер поднесе барање како самец. Меѓутоа, според законот што тогаш го донесе десничарската партија Фидес на претходниот премиер Виктор Орбан, барањата за посвојување поднесени од самохрани лица мораше да бидат одобрени директно од министерот надлежен за семејни прашања, што во пракса претставуваше целосна забрана.

Маѓар, кој во април го наследи Орбан на премиерската функција по 16 години негово владеење, најави дека оваа пракса ќе биде прекината, што претставува значаен чекор кон обновување на правата на ЛГБТК-лицата.

– Можеме недвосмислено да кажеме дека ќе го промениме таквиот систем: одлуката во такви случаи не треба да ја носи министер, односно политичар, туку стручни лица кои се способни да ги проценат условите под кои одредено дете може да оствари живот што ќе му овозможи да стане среќен член на општеството – рече Маѓар на денешниот новинарски брифинг.

За време на своето владеење, Орбан донесе низа закони со кои се укина можноста за промена на полот во личните документи, се оневозможи посвојувањето од страна на истополови двојки и се забранија сите училишни материјали за кои се сметаше дека промовираат хомосексуалност или промена на полот.

Во април годинава, Судот на правдата на Европската Унија исто така пресуди дека претходната унгарска влада го прекршила европското право со прописите со кои се забрануваше или ограничуваше пристапот до содржини поврзани со ЛГБТК и се стигматизираа геј и трансродовите лица.