Connect with us

Свет

Лавров: Русија е подготвена за преговори со Украина, но без прекин на огнот

Русија е подготвена за преговори со Киев, но не и за истовремен прекин на огнот во војната со Украина, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пренесе руската државна новинска агенција ТАСС.

Руската влада не е без добра волја, истакна Лавров на маргините на самитот на земјите од БРИКС во Њу Делхи.

– Остануваме подготвени за преговори, но воената операција нема да биде прекината за време на преговорите – изјави шефот на руската дипломатија.

Тој повторно упати понуда за разговори до украинскиот претседател Володимир Зеленски.

– Ако сака да се сретне, нека дојде – рече Лавров, повторувајќи ја поканата Зеленски да дојде во Москва на преговори. – Тоа веќе е огромен гест на добра волја од наша страна – додаде тој.

Зеленски категорично ја отфрли оваа понуда, која рускиот претседател Владимир Путин му ја упати пред неколку месеци.

Соединетите Американски Држави работат на повторно започнување на преговорите меѓу Москва и Киев. Во јавноста се шпекулира и за можен трилатерален самит меѓу Путин и Зеленски со американскиот претседател Доналд Трамп.