Живот
Џордан Питерсон: Интелигенција е „како размислуваш“, а не „што мислиш“
Д-р Џордан Питерсон, познат канадски клинички психолог и професор, смета дека еден од најзабележливите знаци на интелигенција е способноста внимателно да се слушаат другите и да се учи од нив. Иако неговите ставови за различни општествени и политички прашања често предизвикуваат полемики, ова негово гледиште е нешто со кое многумина можат да се согласат.
Тој со децении го проучува и набљудува човечкото однесување, а во текот на својата работа често забележувал дека најинтелигентните луѓе не се оние кои постојано се обидуваат да покажат колку знаат, напротив, тоа се љубопитни луѓе заинтересирани за животот и отворени за различни мислења и перспективи кај другите. Според него, токму подготвеноста да се слуша и да се учи е особина која често ја издвојува интелигентната личност од останатите.
Слично гледиште може да се пронајде и во различни култури и филозофски традиции низ историјата. Во источната филозофија, на пример, постои стара кинеска поговорка: „Мудриот човек слуша, а будалата само зборува.“ Питерсон смета дека интелигенцијата бара и одредена доза храброст.
– Не станува збор за тоа да се биде најгласната личност во просторијата, ниту за тоа секогаш да се има подготвен одговор на секое прашање. Вистинската храброст, според мене, се покажува кога човек е подготвен да признае дека не знае нешто, да ги согледа сопствените ограничувања и да ги преиспита своите убедувања, вели Питерсон, нагласувајќи дека токму тие луѓе не се плашат да поставуваат тешки прашања, дури и кога одговорите би можеле да бидат непријатни, соочувајќи се со вистината за себе, но и за светот во кој живеат. За нив, вистината е поважна од удобноста и токму тоа може да ги насочи кон поголемо разбирање и мудрост, додава тој. Според него, интелигенцијата е „како размислуваш“, а не „што мислиш“.
– Во современото општество, според мене, луѓето лесно можат да западнат во замката да учат „што да мислат“, наместо да научат „како да размислуваат“, вели Питерсон, сметајќи дека дел од проблемот се наоѓа и во начинот на кој е поставен образовниот систем. Децата уште од најрана возраст често се учат да ги запамтуваат точните одговори, да решаваат прашања со даден избор и да ги следат однапред утврдените правила, што според мене, не секогаш ги поттикнува луѓето самостојно да размислуваат. На тој начин општеството може да почне повеќе да го вреднува меморирањето отколку вистинското разбирање, објаснува тој.
Луѓето растат учејќи факти, формули, бројки и различни информации, но тоа не значи дека секогаш знаат како стекнатото знаење да го применат во нова или непозната ситуација. Токму тогаш, според него, се појавува важна разлика меѓу поседување информации и вистинската способност за размислување.
– Кога човекот е однапред подготвен да одговори може да има проблем кога ќе се најде во ситуација за која нема подготвени одговори. Од друга страна пак, оној кој научил како да размислува може да се приспособи, да постави нови прашања и да најде поинаков пристап кон проблемот, објаснува Питерсон, предупредувајќи дека луѓето природно имаат тенденција да го избегнуваат менталниот напор, односно, наместо сами да размислуваат, да создаваат идеи и да бараат можности, често избираат можностите да им бидат понудени, што според мене таквата навика може брзо да стане дел од секојдневното однесување, заклучува тој.
Интелигенцијата е многу повеќе од знаење голем број факти. Тука спаѓа љубопитноста, критичко размислување и храброст да се истражи непознатото.
– Најинтелигентните луѓе не се оние кои имаат одговор на секое прашање, туку оние кои знаат да постават вистинско прашање во вистински момент, објаснува Питерсон, нагласувајќи дека тие не се плашат да кажат дека нешто не знаат, подготвени да слушаат различни мислења без да ги бранат своите убедувања.
„Човекот што знае „како да размислува“ има предност пред оној кој само ги прифаќа туѓите ставови.“ заклучува Питерсон
август 27, 2026
