Connect with us

Култура

ДПМ ги објави добитниците на наградите на конкурсот за најдобра кратка книжевна форма

Ана Пејчинова, Даниела Андоновска-Трајковска и Владимир Јанковски се добитници на наградите на конкурсот за најдобра кратка книжевна форма (песна или расказ) на јубилејното триесетто издание на „Празник на липите“ на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).

На конкурсот, како што прецизираат од ДПМ, пристигнале вкупно 32 дела (26 песни и шест раскази), а тројцата членови на анонимната жири-комисија: Ива Дамјановски, Никола Маџиров и Жарко Кујунџиски, работејќи независно и бодирајќи ги непотпишаните творби пријавени на конкурсот, ги избра следните три дела: I награда: „Мајсторска завршница“ од Ана Пејчинова (поезија); II награда: „Татко ми станал писател“ од Даниела Андоновска-Трајковска (поезија); и III награда: „Сребре Тилевски, липарот“ од Владимир Јанковски (расказ).

Трите избрани творби, како и другите дела пријавени на анонимниот конкурс, ќе бидат претставени на книжевното читање, што ќе се одржи на 5 септември во просториите на ДПМ, со што ќе се затвори манифестацијата „Празник на липите“ за 2026 година. Првиот дел од манифестацијата се одржа на 20 јуни кога наградата „Книжевен жезол“ за поетски опус беше доделена јубилеен триесетти пат на лауреатите академик Ристо Василевски од Македонија и на бугарската поетеса Роза Бојанова.